АЛМИР ДАУТИ Е ИМЕНУВАН ЗА В.Д. ДИРЕКТОР НА ЈП „КОМУНАЛЕЦ“ – ГОСТИВАР Дојде на местото на притворената Артана Асани
Асани е осомничена и притворена дека дала наредба да се пуштат три пумпи за да се зголеми притисокот во водоводниот систем, што довело до загадување на водата.
Со одлука на градоначалникот на Гостивар Ваблон Лимани, за в.д, директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар е именуван Алмир Даути, соопшти Општина Гостивар.
Според градоначалникот Лимани, назначувањето било неопходно, со оглед на обврските кои ова јавно претпријатие ги извршува.
– Претходно имав средба со раководителите на секторите во „Комуналец“ и им предложив да одредат еден од нив и да ја врши административно оваа функција наредниве два месеци. Ова претпријатие врши и други дејности и неопходно е да има човек што ќе ја врши функцијата – изјави Лимани.
Алмир Даути (49), кој е родум од Подгорица, Црна Гора, 15 години е вработен во ЈП „Комуналец“ Гостивар. По образование е дипломиран економист, а во претпријатието веќе седум години ја извршува функцијата раководител на Одделението за комерција. Од 2020 година е и генерален секретар на ФК Гостивар, откако Општина Гостивар го презеде раководењето со клубот.
Даути на директорското место доаѓа откако беше суспендирана директорката Артана Асани. Заедно со Леон Уредини и Вадедин Дервиши, кои беа на раководни позиции во јавното претпријатие „Комуналец“, Асани е осомничена и притворена дека дала наредба да се пуштат три пумпи за да се зголеми притисокот во водоводниот систем. Според Обвинителството, притоа навлегла загадена вода во системот, по што се појави епидемијата во Гостивар од која се заразени повеќе од 4 илјади луѓе.