📽️ СПЕКТАКЛ НА УС ОПЕН Ѓоковиќ и Сабаленка ќе играат заедно во двојки
Најтрофејниот тенисер во историјата и првата тенисерка на светот ќе настапат како двојка на претстојниот УС Опен, а нивното пријателство веќе подолго време привлекува внимание.
Најуспешниот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, ќе настапи во двојки со првата тенисерка на светот, Арина Сабаленка од Белорусија, на претстојниот УС Опен, објави Би-Би-Си.
Последниот Грен слем турнир во сезоната започнува на 25 август во Њујорк, а настапот на Ѓоковиќ и Сабаленка во ист тим веќе предизвикува голем интерес кај љубителите на тенисот.
Во изминатиот период двајцата тенисери често беа во центарот на вниманието и поради нивната комуникација на социјалните мрежи, каде си поставуваа различни предизвици и споделуваа забавни содржини.
Дополнителна поврзаност меѓу нив постои и преку вереникот на Сабаленка, Георгиос Франгулис, кој има деловна соработка со Ѓоковиќ. Двајцата се инвеститори во францускиот фудбалски клуб Ле Ман.
Франгулис во една прилика изјави дека српскиот тенисер е негов идол.
– Арина се дружи со него и сака да учи од човек кој постигнал толку многу во кариерата. Тие разговараат, но во тие разговори таа повеќе слуша отколку што зборува. И зошто да не биде така? Секој тенисер треба да биде среќен ако има можност да разговара со Ѓоковиќ – изјави Франгулис.
View this post on Instagram
Новак Ѓоковиќ и Арина Сабаленка често играат заедно на ревијални натпревари пред почетокот на големите турнири, а сега двајцата ќе имаат можност тоа да го сторат повторно, но и да имаат шанса да освојат трофеј.
Минатата година турнирот во мешани двојки на УС Опен претрпе големи промени, а за победниците беше обезбеден награден фонд од 1 милион долари, со цел на натпреварувањето да привлече што повеќе врвни сингл-тенисери.
Меѓу пријавените двојки годинава, покрај Новак Ѓоковиќ и Арина Сабаленка, се и финалистите од 2025 година Ига Швјонтек и Каспер Руд, како и Елена Рибакина и Тејлор Фриц, јапонското дуо Наоми Осака и Кеи Нишикори, како и Џесика Пегула и Џек Дрејпер.
Главниот турнир ќе се игра на 25 и 26 август, а сите натпревари ќе се одржат на двата најголеми терени на УС Опен – „Артур Еш“ и „Луис Армстронг“, со директен телевизиски пренос.
Пријавувањето на двојките ќе биде отворено до 17 август, кога шесте парови со најдобар збир на сингл-пласмани автоматски ќе обезбедат место во главниот турнир. Тоа значи дека Сабаленка, која е двократна актуелна шампионка на УС Опен, и Ѓоковиќ, кој и на 39-годишна возраст е рангиран меѓу најдобрите пет тенисери во светот, сигурно ќе бидат дел од главната ждрепка.
Американската тениска асоцијација ќе додели осум специјални покани (вајлд-карти), додека уште две двојки ќе се пласираат преку квалификацискиот турнир што ќе се игра на 24 август.
Меѓу останатите пријавени двојки се Мира Андреева и Андреј Рубљов, Белинда Бенчиќ и Флавио Коболи, Дијана Шнајдер и Данил Медведев, Аманда Анисимова и Лернер Тиен, Алекс Еала и Феликс Оже-Алијасим, Лејла Фернандез и Френсис Тиафо, Тејлор Таунсенд и Александер Зверев, Елена-Габриела Русе и Нуно Боржес, Сара Ерани и Андреа Вавасори, Катерина Синјакова и Хенри Патен, како и братот и сестрата Пејтон и Престон Стернс.
Италијанците Сара Ерани и Андреа Вавасори се актуелни двократни шампиони во мешани двојки на УС Опен. И годинава, како и лани, најверојатно ќе мора да настапат со вајлд-карта, бидејќи нивниот сингл-ранг не е доволно висок за директен пласман.
Минатогодишниот нов формат беше критикуван затоа што ги стави во втор план специјалистите за двојки, но организаторите го оценија како успешен. Турнирот привлече околу 78.000 гледачи, а билетите за двата натпреварувачки дена на стадионот „Артур Еш“ беа целосно распродадени.
– Секогаш кога жените и мажите настапуваат заедно во ист тим, тенисот се претставува во своето најдобро издание. Токму тоа го овозможува шампионатот во мешани двојки – изјави извршниот директор на Американската тениска асоцијација, Крег Тајли.
Тој додаде дека новиот формат ќе привлече нова публика и ќе им овозможи на љубителите на тенисот да ги гледаат најголемите ѕвезди како настапуваат заедно.
Натпреварите до полуфиналето ќе се играат во формат два добиени сета до четири освоени гема, со тај-брејк при резултат 4:4, а наместо трет сет ќе се игра меч-тајбрејк до 10 поени. Финалето ќе се игра по класичен формат – сетови до шест гема, со тај-брејк при 6:6, а доколку биде потребно, победникот ќе се решава со меч-тајбрејк до 10 поени.