📽️ АРМИЈАТА И ПОЛИЦИЈАТА НЕ ТРЕБА ДА ГИ ОБЕЗБЕДУВААТ ВОДОВОДИТЕ Тошковски им порача на општинските служби да си ја вршат работата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека обезбедувањето на водоводните системи не е задача ниту на Армијата, ниту на Полицијата, туку на институциите кои управуваат со нив, а истрагата за случајот во Гостивар продолжува.

181

Водоводните системи не треба да ги обезбедуваат ниту Армијата, ниту Полицијата. Тоа е обврска на институциите кои управуваат со овие системи во рамките на општините и кои, согласно законските прописи, се должни да ги спроведуваат сите мерки за нивна заштита. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција во Центарот за управување со кризи во Скопје, на која ги презентираше најновите информации за состојбата со водата од гостиварскиот водовод.

Тошковски потсети дека, според последните анализи, водата во Гостивар може да се користи како техничка вода, но сè уште не е безбедна за пиење и подготовка на храна.






Министерот, кој е и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, одговараше на новинарско прашање дали, по последните случувања, треба да се засили обезбедувањето на водоводот со почести полициски контроли или со вклучување на Армијата, како што предложи опозицијата.

– Дали лично сметам дека Армијата треба да ги обезбедува водоводните системи? Не, не сметам. Тоа не е работа на Министерството за одбрана и не е работа на Армијата, барем не во мирнодопски услови. Секоја институција што е надлежна да се грижи за водоводните системи во рамките на општините е должна да ги преземе сите законски ингеренции утврдени со регулативата. Сметам дека, доколку секој си ја работи работата што му е утврдена со законските и подзаконските акти, не би требало да имаме вакви проблеми – истакна Тошковски.

Тој испрати порака и до опозицијата, повикувајќи ја наместо да ја „вжештува атмосферата“ кај граѓаните, да се насочи кон активности кои се во нивен интерес.

– На опозицијата би ѝ препорачал, наместо да ја вжештува атмосферата кај граѓаните, наместо да предизвикува хистерија и да се насочува кон уривање на сè што е видливо за граѓаните, а тоа е дека оваа Влада навистина прави максимум со она што го затекна, да се фокусира на доброто на граѓаните – искрено, а не со хистерија. Без разлика дали ќе има вонредни или редовни избори, граѓаните се мудри, гледаат што се случува и ќе донесат своја одлука – рече министерот.

Во однос на можноста за засилено полициско присуство, Тошковски нагласи дека полицијата е присутна на терен, но дека нејзина задача не е да ги обезбедува водоводните мрежи.

– Дали полицајците треба да бидат присутни на терен? Да, и тие се присутни. Но, дали треба да ги обезбедуваат водоводните мрежи низ државата? Не. Тоа е надлежност на други институции и тие се должни да ги преземат своите законски обврски и да постапуваат согласно регулативата – изјави Тошковски.

Тој додаде дека проблемите се резултат на долгогодишно недоволно инвестирање во инфраструктурата.

– Долг временски период наназад ниту се вложувало, ниту се инвестирало, ниту оние што ги менаџирале институциите се посветиле на решавање на проблемите на граѓаните. Тоа е факт. Поради тоа сме во состојбата во која сме денес. Но, факт е и дека секогаш ќе има предизвици и наша обврска е да најдеме најсоодветен начин за професионално да одговориме на сите проблеми што ќе се појават – рече министерот.

Во врска со истрагата за случајот, Тошковски информираше дека таа продолжува и се спроведува по насоки на Основното јавно обвинителство.

– Континуирано се работи на случајот и се постапува по насоки на Обвинителството. Кога ќе има нови информации што можат да бидат соопштени во јавноста, навремено ќе ја информираме јавноста – изјави Тошковски.

Поврзани содржини