ГЛУМАТ МАКЕДОНСКИ ПОРТАЛИ И ФЕЈСБУК ПРОФИЛИ, А ШИРАТ ОМРАЗА КОН МАКЕДОНЦИТЕ Еве кои се бугарските медиумски орудија впрегнати во антимакедонската агенда

Овие фејсбук страници, чии сопственици, според правилата на Фејсбук, не се јавно достапни, споделуваат вести од шест портали од кои пет се регистрирани во Македонија. Трагите на повеќето од нив водат кон бугарската „Фондација Македонија“ на контроверзниот Виктор Стојанов, открива „360 степени.“

395

Повеќе интернет-портали и фејсбук-страници на македонски јазик кои се дизајнирани да наликуваат на медиумски редакции од земјава се, всушност, експозитури на бугарската „Фондација Македонија“ на контроверзниот Виктор Стојанов, објави порталот „360 степени“ во свое истражување.

Речиси 140 илјади профили ги следат овие страници само на Фејсбук. Најголем дел од содржините пласирани во оваа мрежа на портали и страници на социјалните медиуми се вообичаени, но дел се презентирани на начин што предизвикуваат жестоки дебати за односите меѓу Македонија и Бугарија, за односите меѓу Македонците и Албанците и слично.






За илустрација, на сите пет страници, на 13 јули 2026 година е објавен дел од интервју на Арбен Таравари за поткастот „Почетна пресметка“, со наслови од типот: „Таравари: Македонците немаат поблизок народ од Бугарите, мора да го сфатат тоа“ или „Бугарите апсолутно треба да влезат во Уставот, сметам дека и ВМРО го има истиот став“.

Овие провокативни наслови, со пробугарски агол, предизвикуваат стотици полемични коментари, но и навреди на национална основа. Тоа се случува неколкупати дневно. Формулата е иста – објава на содржина со провокативен наслов за меѓудржавни или меѓуетнички односи, по што редовно доаѓа јавна препирка што ескалира во навреди и говор на омраза во коментарите.

Овие фејсбук страници, чии сопственици, според правилата на Фејсбук, не се јавно достапни, споделуваат вести од шест портали од кои пет се регистрирани во Македонија.

Според податоците достапни на македонскиот интернет провајдер МАРНЕТ, vestimak.mk и vestimk.mk ги регистрирал извесен Александар Смиљков. Иако се две засебни веб-страници, е-адресата за контакт е иста: [email protected]. Другите три веб-страници – 24mk.mk, mk24.mk и utre.mk ги регистрирало лицето Асен Петровски. Иако се три засебни веб-страници, е-адресата за контакт е иста: [email protected].

Во својата анализа „360 степени“ потсетува дека на 4 март 2026 Јавното обвинителство соопшти дека е отворен предмет за „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, за што е осомничено едно лице, чие име не беше наведено, но од неофицијални извори повеќе портали објавија дека станува збор за Виктор Стојанов, основачот на Фондацијата „Македонија“.

На барање на „360 степени“ Јавното обвинителство одговорило дека „постапката е во тек, се обезбедуваат докази и се вршат вештачења“. Според неофицијални извори од истрагата, над 20 портали во земјава се под лупа на МВР и АНБ за ширење говор на омраза.

Поврзани содржини