ПОМИНА ВРЕМЕТО КОГА МАКЕДОНСКИ ПОЛИТИЧАРИ ИСПРАЌАА ПОРАКИ ОД СКАПИ ЈАХТИ Максим Димитриевски и ЗНАМ со трибина во Струмица го завршија својот карван
Политиката не е создадена за некој да живее подобро од народот, туку за да работи за народот – рече Димитриевски.
Помина времето во Македонија кога политичарите испраќаа пораки од скапи јахти и се натпреваруваа меѓусебно кој ќе летува во поскапо летувалиште. Дојдено е време за одговорен пристап и отчет пред граѓаните, да ги слушнеме сите нивни видувања, сите позитивни и негативни критики, порача лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски во изјавата за медиумите пред почетокот на панел дискусија „Европска ЗНАМ, европска иднина, европска Македонија“, која се одржа денеска во Струмица.
Во своето обраќање, претседателот на Движење ЗНАМ, Максим Димитриевски, истакна дека присуството на караванот во Струмица е потврда дека граѓаните бараат нов начин на политичко дејствување, политика која слуша, работи и одговара пред народот.
– Додека народот се бори за секој денар, додека земјоделецот се бори за својот труд и својот производ, некои политичари се натпреваруваат кој ќе покаже поскапа јахта, полуксузен одмор и поголема привилегија. Тоа не е политиката што ја заслужува Македонија. Политиката не е создадена за некој да живее подобро од народот, туку за да работи за народот – рече Димитриевски.
Тој порача дека Македонија мора да стави крај на времето во кое политиката била користена како алатка за личен интерес и задржување на привилегии.
– Во политиката има луѓе кои влегле за да служат на народот, но има и такви кои политиката ја претвориле во лична корист и привилегија. Секој со својот крст. Граѓаните на Струмица многу добро знаат кој останал верен на идеите со кои започнал, а кој ги заменил принципите за удобност, функции и позиции. На крајот, не судат политичките центри на моќ, туку граѓаните, тие најдобро препознаваат кој се борел за нив, а кој за себе – рече лидерот на ЗНАМ.
Тој нагласи дека Движење ЗНАМ е создадено како одговор на политиките кои со години создаваа разочарување кај граѓаните и дека денес покажува дека може поинаку, без клиентелизам, без политички договори зад затворени врати и без ставање на партиските интереси пред државните.
– ЗНАМ не е создадено за да биде дел од старите политички матрици. Создадено е затоа што Македонија заслужува политика во која зборот има тежина, а резултатите се единственото мерило. Ние не бараме доверба заради функции, бараме доверба заради работата што ја правиме – рече Димитриевски.
Во рамките на панел-дискусијата, министерот за јавна администрација Горан Минчев говореше за реформите насочени кон создавање професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација. Тој истакна дека институциите мора да бидат вистински сервис на граѓаните, а не алатка за партиски влијанија. Воспоставувањето на мерит-системот, професионализацијата на администрацијата и воведувањето современи стандарди во работењето се клучни чекори кон создавање држава која ќе биде поблиска, побрза и поефикасна за секој граѓанин.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски посочи дека Струмичкиот регион е доказ за потенцијалот што го има Македонија, но и пример дека земјоделците заслужуваат државна поддршка и сигурни политики. Тој нагласи дека земјоделството мора да биде стратешки приоритет, со политики за сигурен пласман, фер услови, модернизација на производството и партнерски однос меѓу државата и земјоделците.
„Движењето ЗНАМ продолжува да ја гради својата политика врз директен разговор со граѓаните, чесно преземање одговорност и конкретни резултати, спротивно на политичките практики во кои граѓаните со години беа сведоци на празни ветувања, поделби и систем во кој малкумина имаа привилегии, а мнозинството ги носеше последиците“ – соошти Центарот за комуникации и аналитика на ЗНАМ.