ВОДАТА ВО ГОСТИВАР ОД УТРЕ ЌЕ БИДЕ ТЕХНИЧКИ ИСПРАВНА Екипи на скопскиот водовод вршат хиперхлорирање на инсталациите

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека резултатите се веќе добри и очекува утре да биде соопштено дека водата е технички исправна за користење.

72

Премиерот Христијан Мицкоски очекува утре да биде соопштено дека водата во Гостивар е технички исправна за користење. Тој посочи дека е во тек процесот на хиперхлорирање на водоводната мрежа, а процесот го вршат екипи на ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје.

– Екипи од скопскиот водовод се во Гостивар, работат на хиперхлорирање на инсталациите. Резултатите се веќе добри, очекувам утре да излезе соопштение дека водата е технички исправна за користење. Во рекорден рок од една недела тоа се санираше – изјави Мицкоски.






Тој нагласи дека Владата ги презела сите мерки што се во нејзина надлежност, а за утврдувањето на одговорноста за загадувањето на водата постапува Јавното обвинителство.

– Она кое што е политика на Владата е да испорачува и ние така и ќе продолжиме. Целосна одговорност и целосна ингеренција за тоа што се случи во Гостивар е лоцирана од страна на ЈО. Понатаму тие ќе продолжат да лоцираат доколку е потребна и нова одговорност – изјави премиерот.

Во врска со критиките од опозицијата за неисправноста на водата во неколку градови, Мицкоски рече дека ги следи политиките на опозицијата.

– Честопати се трудам да не ги коментирам, бидејќи нема суштина за коментирање. Мафтаат со извештаи од периодот кога претседателот на СДСМ бил министер за здравство, но тоа е нивна политика. Нивната политика е да конструираат лаги и да шират хистерија. Она кое што е политика на Владата е да испорачува и ние така и ќе продолжиме – рече Мицкоски.

Поврзани содржини