ВОДАТА ВО ПЛАСНИЦА НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ Лабораториските анализи открија бактериолошка неисправност
Лабораториските анализи покажале бактериолошка неисправност на водата од јавната водоводна мрежа, а надлежните препорачуваат таа да не се користи за пиење и подготовка на храна до ново известување.
Жителите на Општина Пласница во наредниот период не треба да ја користат водата од јавната водоводна мрежа за пиење, подготовка на храна и други намени поврзани со исхраната, откако лабораториските анализи покажале дека таа е бактериолошки неисправна.
Надлежните институции соопштија дека водата во моментов не е здравствено безбедна за консумирање и апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките сè додека не се потврди дека квалитетот на водата е повторно во согласност со здравствените стандарди.
Во меѓувреме, надлежните служби спроведуваат активности за утврдување на причините за бактериолошкото загадување на водоводната мрежа. По отстранувањето на причините ќе бидат извршени нови лабораториски анализи, по што јавноста ќе биде навремено информирана дали водата повторно е безбедна за употреба.
Од институциите ги повикуваат жителите редовно да ги следат официјалните известувања и да постапуваат согласно препораките, со цел да се заштити јавното здравје.