ВОДАТА ВО ВАЛАНДОВО ПОВТОРНО МОЖЕ ДА СЕ ПИЕ Укината е забраната по резултатите кои покажаа зголемено ниво на арсен
Градоначалникот Камчев презентираше нови резултати од вонредна анализа спроведена од Институтот за јавно здравсје во Скопје во која е наведено дека измерената концентрација на арсен е 1,47 микрограми на литар, односно влегува во дозволените граници.
Водата од градскиот водовод на Валандово од денес е повторно во целосна употреба, согласно документот издаден од надлежната Агенција за храна и ветеринарство, со кој се укинува досегашната забрана за пиење на водата, соопшти денес на прес-конференција градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев.
Првичната информација се објави во средата преку соопштение на ЈП „Комунален сервис“ од Валандово, во кое беше наведено дека согласно добиени резултати од Институтот за јавно здравје во Скопје, во водата за пиење од градскиот водовод во Валандово е утврдено зголемено ниво на арсен, па поради тоа се препорачува да не се користи за пиење. Вчера, пак, градоначалникот Камчев, презентираше нови резултати од вонредна анализа спроведена од истиот Институт во која е наведено дека измерената концентрација на арсен е 1,47 микрограми на литар, односно влегува во дозволените граници.
– Валандово како град, и населените места Чалакли, Дедели и Раброво, беа засегнати од квалитетот и безбедноста на водата за пиење во изминатиот период. Бевме сведоци на ситуација во која многумина наседнаа на одредени приказни водени паралелно со ситуацијата во Гостивар. Можам слободно да кажам и поради тоа што бев директор на јавното комунално претпријатие пред 15 и повеќе години, дека квалитетот на водата во Валандово од она што го гледам во анализите не е променет од тогаш до денес. Бунарскиот систем којшто го користи Валандово постои од 1989 година – посочи Камчев.
Според документите од Институтот за јавно здравје во Скопје, кои денес Камчев ги презентираше на јавноста, од ноември до сега, односно од поставување на нов в.д. директор на комуналното претпријатие по последните локални избори, направени биле двете задолжителни контроли на водата, во кои меѓу другото се проверуваат и тешките метали, а законски се пропишани да се прават два пати во годината, согласно правилник на Агенцијата за храна и ветеринарство.
– За да нема забуна во јавноста, редовните примероци се земаат и испитуваат еднаш или двапати во неделата во зависност од ситуацијата и немаат врска со овие периодични анализи кои се задолжителни за комуналното претпријатие двапати годишно. На 26.1.2026 е направена првата ваква анализа, од кога сум јас градоначалник на Валандово, а на 2.7.2026 е направена втората – рече Камчев.
Тој објасни дека поради покажаната повисока вредност на втората анализа, која изнесувала 14 микрограми на литар присуство на арсен во водата, на 20 јули побарал нова вонредна анализа, која бидејќи се однесувала само на проверка на металите, се изработила во побрз рок и за три дена односно на 23. јули ги добиле резултатите за нормално прсуство на арсен од 1,47 микрограми на литар.
– Не можам да дадам целосни одговори, но сметам дека во периодот кога се започнува со поголемо пумпање на водата од бушотините, веројатно тогаш одредени таложени елементи кои се сепак присутни во трагови ја даваат повисоката вредност – смета Камчев и додаде дека ја повикува јавноста да ги следи препораките и анализите од стручната јавност, а не од коментари по социјалните мрежи.
Тој најави дека во наредниот период ќе се прават уште вонредни анализи на водата, за да се следи нејзиниот квалитет. Камчев се осврна и на тоа што се правело во изминатите осум години.
– Во 2025 година, е направена вондредна анализа на манган во водата, која никаде ја нема во архивите на комуналното претпријатие. Исто така, иако имале обрвска во 2024 да направат две анализи, согласно спомнатиот правилник, направена е само една периодична анализа, каде концентрација на арсен е 1,282, значи блиску до сегашната вредност. Во 2025 немаме две законски периодични анализи, во 2023 е направена само една, со вредност на арсен 1,84, во 2022 има само една периодична анализа, но нема испитувани хемиски елементи, односно арсен – соопшти Камчев.
Според него, од 2018 до 2021 година воопшто не биле правени вакви анализи.
– Ќе поставам прашање до СДСМ антитоксична да ни дадат одговор на овие прашања, бидејќи од осум години колку што имаат раководено со комуналното прептријатие тие од потребните 16 периодични широки анализи на водата имаат направено само две. Да им одговорат на граѓаните дали во тој перод навистина имаат направено анализи или немаат заведено во архивата затоа што не им одговарало или не си ја извршиле својата должност сите директори кои во тој период беа на функција во ова претпријатие – рече градоначалникот на Валандово.
Тој ги повика сите надлежни институции да влезат во јавното комунално претпријатие и да направат контрола за да им дадат одговор на граѓаните за вистинската состојба со водата и работата на комуналното претпријатие во изминатите години.