ЗУЛФИКАР ЗЕЈНУЛА ИЗБРАН ЗА МИНИСТЕР БЕЗ РЕСОР Тој е лидер на Демократската партија на Турците, која неодамна влезе во коалиција со власта

67

Собранието, денеска, со 67 гласа „за“ и 13 „против“, за министер без ресор во Владата го избра Зулфикар Зејнула, претседател на Демократската партија на Турците, со која владејачката ВМРО-ДПМНЕ неодамна потпиша коалициски договор.

Коалицијата предводена од СДСМ не го поддржа предлогот за избор на Зејнула за министер без ресор.






Пратеникот Бејџан Иљас од Демократска партија на Турците изрази задоволство што нивен претставник ќе биде во Владата.

– ​Денес сме сведоци на зачувување на уставниот принцип на правична застапеност во структурата на Владата. По подолг временски период турската заедница во нашата држава повторно ќе има свој претставник во Владата. ​Ова не е само избор на министер. Ова е порака дека институциите мора да останат отворени за сите граѓани и дека секоја заедница треба да ја има можноста да учествува во креирањето на државните политики – рече Иљас.

– Предлогот на Зулфиќар Зејнула за министер без ресор е дел од една поширока политика што ја водиме од самиот почеток – политика на партнерство, меѓусебна доверба и преземање заедничка одговорност за иднината на државата. Тоа партнерство не се темели на поделби, туку на заедничка определба да се работи за интересите на сите граѓани. Верувам дека токму во ова се гледа зрелоста на една влада – да ги отвори институциите за сите што имаат знаење, капацитет и искрена намера да придонесат, да не прашува кој од каде доаѓа, туку со доверба, со работа, со институции што функционираат и со луѓе што се подготвени да преземат одговорност кога е најтешко – посочи Мицкоски.

Новиот министер без ресор Зејнула во периодот 2021 – 2024 бил заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, од 2018 до 2021 советник во Општина Гостивар, а од 2017 до 2021 работел во Правниот сектор на Демократската партија на Турците на Македонија. Бил вработен и во компанијата „Хабиб транс“ ДОО. Во текот на својот ангажман во локалната самоуправа бил член на Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања, Комисијата за планирање и уредување на просторот и заштита на животната средина, како и Комисијата за правни и нормативни работи при Советот на Општина Гостивар.

Зејнула бил и член на Комисијата на Групата за процена на ризици и опасности во Скопје, како и член на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

За својата работа е добитник на државно одликување за исклучителна пожртвуваност, доделено од Република Турција.

Зејнула е дипломиран криминалист, со завршено високо образование на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола. Поседува сертификати за англиски јазик и компјутерски вештини, а покрај мајчиниот турски јазик, говори македонски, албански, германски и српски јазик.

Поврзани содржини