🎥 ПЕКОЛ ВО ФРАНЦИЈА, ТУРИСТИТЕ БЕГААТ СО БРОДОВИ Гори туристички бисер, се евакуира цел полуостров

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ситуацијата со пожарите во земјата е „многу напната“ и најави дека наскоро ќе пристигнат авиони од Хрватска, Португалија, Чешка и од Словачка, за да ѝ помогнат на земјата.

904

Француските власти наредија евакуација на целиот полуостров Кап Ферет (Lège-Cap-Ferret), едно од најпознатите француски одморалишта на југозападниот брег на Франција, поради огромен пожар.

Стотици веќе ја напуштија популарната туристичка дестинација, бегајќи со возила и со бродови.






Претставничката на француските власти во департманот Жиронда, Софи Брокас, рано утрово нареди последна фаза од евакуацијата. На жителите им беше кажано да ја напуштат областа преку главниот пат кон Бордо, а за туристите се обезбедени бродови на четири пристаништа.

По одлуката за евакуација илјадници луѓе се принудени да го напуштат полуостровот, оставајќи ги своите доммови во надеж дека огнот нема да ги зафати.

Пожарот, кој избувна во вторникот во градот Саумос на југозападот од Франција, продолжи да се шири во следните денови, а пламените јазици досега зафатија 8.700 хектари.

Двајца пожарникари загинаа во вторникот гасејќи пожар во близина на аеродромот во Бордо, а официјалните лица утрово објавија дека нема нови повредени.

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека ситуацијата со пожарите во земјата е „многу напната“, конкретно споменувајќи го регионот Жиронда. Макрон рече и дека побарал помош од Европската Унија, додавајќи дека наскоро ќе пристигнат авиони од Хрватска, Португалија, Чешка и од Словачка, за да ѝ помогнат на земјата.

Три последователни топлотни бранови ја засилија сушата низ Европа ова лето, ги намалија резервите на вода и ја исушија вегетацијата, што им помогна на шумските пожари да уништат повеќе почва оваа година од годишниот просек во последните две децении, пишува Ројтерс.

Илјадници смртни случаи се припишуваат на топлината.

Франција е особено тешко погодена, а интензивната топлина го зголемува притисокот врз обидите да се справи со ситуацијата.

– Нашите безбедносни сили се во вистинска борба против шумските пожари – изјави министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез во четврток вечерта.

Притисокот врз противпожарните служби во југозападна Франција беше зголемен со втор пожар што избувна во четврток попладне во близина на Бискароса, 40 километри јужно од Кап Ферет.

– Овој пожар, кој сè уште не е под контрола, уништи 2.500 хектари. Ветровите дуваат, а ситуацијата е сè уште многу динамична и неповолна – изјави Жил Клаврел, префект на департманот Ландес.

Над 23.000 луѓе се евакуирани од округот Бискароса, претежно во кампови и куќи, а беше евакуиран и еден дом за стари лица. Клаврел ги замоли земјоделците да помогнат со резервоарите за вода.

Исклучително сериозна е и ситуацијата со пожарите во Шпанија. Владата на Шпанија прогласи вонредна состојба доцна во четврток откако серија пожари се заканија на областа околу Мадрид и соседната покраина Авила. Евакуирани се повеќе од 10.000 луѓе додека пожарникарите се борат со пожарот.

Шпанското министерство за внатрешни работи соопшти дека одлуката е донесена поради истовременото избувнување на неколку пожари, неповолните временски услови и потребата од мобилизирање повеќе ресурси од различни јавни администрации, што ја зголемува сложеноста на напорите на пожарникарите и на цивилната заштита.

Експертите велат дека имало голем раст на вегетацијата по невообичаено обилните дождови напролет и дека вегетацијата сега се исушила поради екстремната летна жештина, што го поттикнува брзото ширење на пожарите.

Регионалните власти во Мадрид апелираа за помош, опишувајќи ја ситуацијата како „исклучително сериозна“. Властите изјавија дека активните пожари во градовите Вила дел Прадо, Сан Мартин де Валдеиглесијас и Алморокс во соседната покраина Кастиља-Ла Манча имаат потенцијал да се прошират надвор од сегашниот капацитет за гаснење пожари.

Тие, исто така, предупредија дека пожарот во Бургохонд во покраината Авила би можел да стигне до регионот на Мадрид во наредните часови поради временските услови.

Според законот за цивилна заштита на Шпанија, вонредната состојба е под директна надлежност на министерот за внатрешни работи, кој е одговорен за координирање на одговорот. Властите соопштија дека ова е прво такво прогласување вонредна состојба поврзана со пожари.

Над 100.000 хектари земја се изгорени во Шпанија оваа година, што приближно одговара на годишниот просек на изгорената површина во изминатата деценија. Тринаесет лица загинаа, што ја прави 2026 година една од најсмртоносните сезони на пожари во последните децении.

Поврзани содржини