ЗЕЛЕНСКИ ГО ОДЛИКУВА МИТКО ЈАНЧЕВ Градоначалникот на Кавадарци го доби украинскиот Орден „За заслуги“

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, го доби украинскиот Орден „За заслуги“, доделен со указ на претседателот Володимир Зеленски, како признание за хуманитарната поддршка и солидарноста со украинскиот народ.

236

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, денеска го прими Орденот „За заслуги“, високо државно признание на Украина, кое му е доделено со указ на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во своето обраќање Јанчев истакна дека ова одликување не го доживува како лично признание, туку како награда за целиот град Кавадарци, за неговите соработници, Советот на Општината, институциите, хуманитарните организации и сите граѓани кои несебично се вклучија во помошта за украинскиот народ.






Тој нагласи дека уште од почетокот на воените случувања во Украина, Кавадарци покажал дека хуманоста, солидарноста и меѓусебната поддршка немаат граници, а добиеното признание е потврда дека таквите дела имаат трајна вредност и придонесуваат за зајакнување на пријателството меѓу двата народа.

Особено емотивен момент на свеченоста бил кога децата од Украина, кои бесплатно престојуваат во детското одморалиште Михајлово, му подариле рози на Јанчев во знак на благодарност за грижата, поддршката и гостопримството што им го овозможил градот.

Јанчев упати благодарност до претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за укажаната чест, како и до Амбасадата на Украина за довербата и континуираната соработка. Благодарност изрази и до своето семејство за безрезервната поддршка, љубовта и разбирањето.

– Најголемите признанија не се оние што се носат на градите, туку оние што се заслужуваат преку дела – порача Јанчев, изразувајќи уверување дека пријателските односи меѓу Македонија и Украина ќе продолжат да се градат врз темелите на заемното почитување, солидарноста и мирот.

Поврзани содржини