📽️ ЦРН ЧАД ГО ПРЕКРИ НЕБОТО НАД „ШАРЛ ДЕ ГОЛ“ Огромен пожар избувна во близина на аеродромот во Париз
Густи облаци црн чад се издигнаа над аеродромот „Шарл де Гол“, но властите засега уверуваат дека воздушниот сообраќај се одвива без прекини.
Голем пожар избувна во магацин во местото Митри-Мори, во францускиот департман Сена и Марна, јавува „Ле Фигаро“, повикувајќи се на противпожарната служба.
Густи облаци црн чад биле видливи на километри околу местото на пожарот околу 21 часот, а снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат како чадот се издига над аеродромот „Шарл де Гол“, кој се наоѓа на само неколку стотици метри од местото на несреќата.
Од управата на аеродромот за „Ле Фигаро“ соопштија дека пожарот засега не влијае врз воздушниот сообраќај.
„Во моментов пожарот нема никакви последици врз воздушниот сообраќај на аеродромот ‘Шарл де Гол’“, соопштија од аеродромската управа.
Франција веќе со недели се соочува со последиците од силниот топлотен бран што зафати голем дел од Европа. Високите температури, сушата и силниот ветер создадоа идеални услови за брзо избувнување и ширење на пожари, поради што противпожарните служби низ целата земја се во состојба на зголемена готовност.
Во изминатите денови беа регистрирани повеќе големи пожари во различни делови на Франција, а надлежните предупредуваат дека екстремно високите температури може да предизвикаат нови инциденти.
Според метеоролозите, жешката воздушна маса од Сахара ќе се задржи и во наредните денови, што дополнително го зголемува ризикот од пожари на отворено.
Француските власти ги повикаа граѓаните на зголемена претпазливост и апелираа да избегнуваат активности што би можеле да предизвикаат пожар, додека пожарникарите продолжуваат да се борат со огнените стихии, кои поради високите температури и сувата вегетација често излегуваат од контрола.