ВОЗАЧ НА ЈСП ГИ ЗАСОЛНИЛ ПАТНИЦИТЕ ОД СИЛНОТО НЕВРЕМЕ Патничка му се заблагодари за гестот и за присебноста
И покрај опасната ситуација со силното невреме возачот останал прибран и го однел автобусот на безбедно во гаражата во Автокоманда. Таму почекал да помине најсилниот удар на невремето, по што го продолжил патувањето и ги однел патниците до нивните одредишта.
Во услови на силно невреме, кога низ Скопје паѓаа дрвја и летаа делови од покривни конструкции, возач на автобус на ЈСП со својата смиреност и професионалност се погрижил патниците безбедно да стигнат до своите домови.
За неговата постапка сведочи скопјанка која се превезувала со автобусот на линијата 65 кон Раштак. Невремето ги затекнало кај Бит-пазар, каде парчиња од околните објекти удирале во автобусот, а дрвја паѓале во непосредна близина.
И покрај опасната ситуација, возачот останал прибран и го однел автобусот на безбедно во гаражата во Автокоманда. Таму почекал да помине најсилниот удар на невремето, по што го продолжил патувањето и ги однел патниците до нивните одредишта.
„Не нè остави на немилост на временската непогода. Почека да помине најлошото, а потоа сите нè однесе безбедно дома“, напиша скопјанката на Фејсбук.
Таа му изрази благодарност за одговорноста и грижата што ги покажал во исклучително тешките услови.
„Во маката навистина се познаваат јунаците. Огромно браво и длабока почит за овој човек. Светот има потреба од повеќе вакви професионалци и луѓе со срце“, порача таа.
Во денот кога невремето остави големи последици низ Скопје, оваа постапка покажа колку смиреноста, професионалноста и човечноста можат да бидат значајни во моментите кога безбедноста на луѓето е најважна.