СЕРАФИМОВСКИ ГИ ПОВИКА ИНДИСКИТЕ БИЗНИСМЕНИ ДА ИНВЕСТИРААТ ВО МАКЕДОНСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО Тој очекува инвестиции во паметни системи за наводнување и следење на производството
Министерот за земјоделство како области со најголем инвестициски потенцијал ги посочи сточарството, производството и преработката на овошје и зеленчук, лозарството и винарството, органското производство, пчеларството, како и развојот на дистрибутивни центри и современи преработувачки капацитети.
Официјалната посета на претседателката на Република Индија, Драупади Мурму, претставува силен поттик политичкото пријателство меѓу Северна Македонија и Индија да се претвори во конкретна економска соработка, нови инвестиции и долгорочни деловни партнерства, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски на вчерашниот Македонско-индискиот бизнис-форум, информира Министерството за земјоделство.
Во обраќањето пред претставниците на деловните заедници од двете држави, Серафимовски оцени дека сегашната трговска размена во земјоделството и прехранбената индустрија не ги одразува реалните можности на двете економии.
Тој како области со најголем инвестициски потенцијал ги посочи сточарството, производството и преработката на овошје и зеленчук, лозарството и винарството, органското производство, пчеларството, како и развојот на дистрибутивни центри и современи преработувачки капацитети.
– Нашата цел е македонското земјоделство да го трансформираме во модерно, одржливо, технолошки напредно и извозно ориентирано стопанство. Индија ја препознаваме како значаен потенцијален партнер во тој процес, пред сѐ од аспект на трансферот на технологии и знаење, развојот на преработувачки капацитети и отворањето нови пазари – рече Серафимовски.
Тој ги претстави и можностите за инвестиции во паметни системи за наводнување, рационално управување со водните ресурси, земјоделска механизација, дигитално следење на производството, соларни системи за фарми, како и производство на енергија од биомаса и биоотпад.
Според него, компаниите што ќе ги исполнат пропишаните услови ќе можат да користат поддршка преку националните програми и ИПАРД III.
-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е подготвено да биде активен институционален партнер. Подготвени сме да овозможиме директна комуникација со заинтересираните компании, да ги поврземе со македонски производители и преработувачи и да помогнеме инвестициските идеи да се претворат во одржливи проекти – рече Серафимовски.