ДЕВЕТ ПОВРЕДЕНИ ВО НЕВРЕМЕТО, ДВЕ ПОСЕРИОЗНО Ургентниот центар со полни раце работа
На Ургентниот центар во Скопје примени девет повредени, една пациентка е на Неврохирургија по повреда на главата, друга со скршена рака.
Силното невреме што попладнево го зафати Скопје остави и повредени граѓани. Девет лица биле примени на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Директорот на Клиниката, проф. д-р Игор Мерџаноски, информира дека две лица се здобиле со потешки повреди.
– Една пациентка со повреда на главата е пренесена на Клиниката за неврохирургија, додека друга пациентка е со скршена рака. Останатите повредени се со полесни повреди и се згрижени во Ургентниот центар – изјави Мерџаноски.
Невремето проследено со силен ветер и пороен дожд предизвика паднати дрвја, откорнати кровови, оштетени возила и прекини во снабдувањето со електрична енергија во повеќе делови од главниот град. Надлежните служби и понатаму се на терен и ги расчистуваат последиците.