🎥 КИНЕСКИ И ФИЛИПИНСКИ МОРНАРИ СЕ ИСТЕПАА СО ВЕСЛА И СТАПОВИ Пограничен инцидент во Јужното Кинеско Море 

Филипините ја обвинија Кина дека нејзини припадници ги нападнале нивните војници со весла и стапови. Во судирот еден филипински војник бил повреден, откако бил удрен во главата со стап и добил посериозна рана.

298

Во Јужното Кинеско Море избувна необичен судир меѓу припадници на кинеската крајбрежна стража и филипинската морнарица, кои наместо со огнено оружје се пресметаа со весла и долги стапови додека се наоѓаа во гумени чамци во близина на спорниот гребен Ајунгин.

Според филипинските власти, инцидентот се случил на 20 јули, кога нивни војници се обидувале да ги оттурнат кинеските пловила од подрачјето околу насуканиот филипински воен брод, кој служи како постојана воена испостава на гребенот.






Филипините ја обвинија Кина дека нејзини припадници ги нападнале нивните војници со весла и стапови. Во судирот еден филипински војник бил повреден, откако бил удрен во главата со стап и добил посериозна рана.

Филипинската армија објави видеоснимка од инцидентот, на која се гледа физичка пресметка меѓу припадниците на двете страни со весла и долги стапови.

Од друга страна, кинеската крајбрежна стража тврди дека филипинскиот екипаж ги игнорирал предупредувањата, прв ги нападнал кинеските службеници и ги удирал со весла, мотки и други предмети.

Инцидентот предизвика реакција и од САД. Американскиот Стејт департмент ги осуди, како што наведе, „опасните и агресивни постапки на Кина против припадниците на филипинската морнарица“, оценувајќи дека ваквите провокации го загрозуваат мирот и стабилноста во регионот и се спротивни на обврските споровите да се решаваат по мирен пат.

Гребенот Ајунгин е едно од најспорните места во Јужното Кинеско Море. Иако Пекинг речиси целосно го присвојува тоа морско подрачје, Меѓународниот арбитражен суд во 2016 година пресуди дека гребенот се наоѓа во исклучивата економска зона на Филипините. Кина не ја призна таа пресуда и не учествуваше во арбитражната постапка.

Поради спротивставените територијални претензии, ваквите инциденти меѓу кинеските и филипинските поморски сили стануваат сè почести, што дополнително ги зголемува тензиите во еден од најчувствителните поморски региони во светот.

Поврзани содржини