📽️ ПО ДОЛГОГОДИШЕН ЗАСТОЈ, „МОМИН ПОТОК“ ЗАБРЗАНО СЕ ГРАДИ На терен веќе се гледаат конкретни резултати, вели Ѓорѓиевски

Поставен е нов асфалт, се градат три моста и атмосферска канализација, а по расчистувањето на трасата продолжуваат работите кон булеварот Словенија.

1,416

По повеќегодишен застој поради нерешени имотно-правни односи, изградбата на клучката „Момин Поток“ повторно се одвива со засилена динамика, информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој изврши увид во тековните градежни активности.

Ѓорѓиевски истакна дека веднаш по преземањето на функцијата биле преземени конкретни чекори за надминување на долгогодишните пречки што го блокирале овој капитален инфраструктурен проект.






– Уште од првиот ден силно се заложивме да ги решиме проблемите што со години ја блокираа изградбата на клучката „Момин Поток“. Денес, на терен се гледаат конкретни резултати и проектот конечно напредува со динамиката што ја заслужува – изјави Ѓорѓиевски.

Во рамки на градежните работи веќе е поставен нов асфалт на коловозните ленти за влез во Скопје, а по целосното расчистување на трасата ќе продолжи изградбата и на коловозните ленти во правец кон булеварот Словенија.

Паралелно се реализира изградбата на три моста. Во моментов се урива стариот дел од мостот над реката Серава, додека првиот дел од новиот мост е веќе изграден. Во следната фаза ќе продолжи неговото целосно комплетирање.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Plusinfo.mk (@plusinfo.mk)

Истовремено се гради и нова атмосферска канализација, која треба да обезбеди поефикасно одведување на атмосферските води во овој дел од градот.

Според градоначалникот, по завршувањето на проектот значително ќе се подобри протокот на сообраќајот на една од најоптоварените сообраќајни точки во главниот град.

– По долгогодишниот застој, денес на терен се гледа напредок. Продолжуваме посветено, затоа што пред Скопје се уште многу големи инфраструктурни проекти – порача Ѓорѓиевски.

Со целосната реализација на клучката „Момин Поток“ се очекува значително растоварување на сообраќајот, побрзо и побезбедно движење на возилата и современо сообраќајно решение за овој дел од Скопје.

Поврзани содржини