МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА СОЛИДЕН РАСТ НА БДП И ВО ВТОРИОТ КВАРТАЛ Премиерот најави и пониски акцизи за бензините и дизелот

Премиерот информира дека на денешната вонредна седница на владата ќе се донесе одлука за продолжување на кризната состојба.

157

Премиерот Христијан Мицкоски очекува солиден раст на БДП, реализација на капиталните инвестиции и покрај предизвиците и надворешните фактори. Верува дека доаѓа времето кога граѓаните ќе ги почувствуваат резултатите од целата работа.

Тој рече дека повторното зголемување на цените на нафтата, предизвикано од воениот конфликт на Блискиот Исток, претставува сериозен предизвик за владата и за економија и најави намалување на акцизите.






– На денешната вонредна владина седница ќе ја продолжиме кризна состојба и во нејзини рамки ќе ги намалиме акцизите за безоловните бензини и дизел-горивото. Со тоа ќе придонесеме за намалување на цените и очекувам Македонија и натаму да има меѓу најниските цени на горивата – изјави Мицкоски.

Мицкоски  оцени дека економските показатели се охрабрувачки бидејќи градежниот сектор забележал раст од над 40%, двоцифрен раст има и во трговијата, додека позитивни резултати се евидентираат и во туризмот па затоа , како што рече, очекува солиден раст на домашниот бруто производ во вториот квартал од годинава.

– Ќе биде тешко поради надворешните околности, но нема да очајуваме. Имаме план, а буџетот се полни дури и над нашите очекувања – рече премиерот.

Мицкоски изрази задоволство и од реализацијата на капиталните инвестиции, нагласувајќи дека голем дел од проектите веќе се во фаза на реализација.

– Очекувам, конечно, да почне изградбата на брзата пруга на Коридорот 10. Шест автопати во еден момент ќе се градат, еден завршуваме, така што имаме навистина голема реализација на приоритетите. И во периодот што следува, лично јас, заедно со ресорните министерства и министри и членови на Владата, ги следам овие проекти, така што добрите времиња се пред нас – рече Мицкоски

Мицкоски оцени дека прогнозите на опозицијата за економски проблеми и други кризи не се оствариле и дека Владата ќе продолжи со реализација на својата економска и инфраструктурна агенда.

– Требаше да банкротираме 2024, па не банкротиравме, па 2025… Еве повторно лоша вест за опозицијата – нема ни оваа година да банкротираме. Платите ќе се зголемуваат во рамките на колективните договори, во рамките на законот и пензиите. Сите обврски ќе се исплаќаат онака како што е предвидено со буџетот – потенцира премиерот.

Поврзани содржини