ЦЕВКОВОД ЌЕ ГО ПОВРЗЕ ХИДРОСИСТЕМОТ ЛИСИЧЕ СО ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ Велес ќе добие подземна катна гаража
Премиерот најави дека летово ќе започне реализацијата на долгоочекуваниот проект за подземна катна гаража во центарот на Велес, заедно со уредувањето на новиот градски плоштад.
Премиерот Христијан Мицкоски, при денешната посета на Велес, порача дека Владата продолжува со реализација на капиталните проекти во општината, нагласувајќи дека со ребалансот на Буџетот ќе бидат обезбедени средства за изградба на недостасувачкиот цевковод што ќе го поврзе хидросистемот „Лисиче“ со езерото „Младост“.
Според Мицкоски, со поврзувањето на двата система ќе се реши уште едно важно инфраструктурно прашање за Велес, додавајќи дека станува збор за проблем кој со години не бил решаван.
– Нешто што со децении било уништувано не може да се санира преку ноќ, но приоритет по приоритет ги завршуваме проектите и така ќе продолжиме и понатаму. Важно е да не создаваме нови проблеми кои би биле на штета на граѓаните – истакна премиерот.
Тој ја пофали работата на градоначалникот Марко Колев, оценувајќи дека неговиот ангажман е мотивиран и фокусиран, а благодарност упати и до советниците, администрацијата, пратениците од Велес и членовите на Владата кои, како што рече, работат на обезбедување повеќе проекти за градот.
Мицкоски им се заблагодари и на велешани за трпението во текот на реализацијата на инфраструктурните зафати, посочувајќи дека ваквите проекти бараат време, но дека резултатите постепено стануваат видливи.
Премиерот најави дека летово ќе започне реализацијата на долгоочекуваниот проект за подземна катна гаража во центарот на Велес, заедно со уредувањето на новиот градски плоштад.
– Многу сум задоволен што конечно подземната катна гаража во центарот на градот, заедно со новиот плоштад, ќе почне да се гради ова лето. Очекувам во текот на следната година да добиеме функционална целина, што беше наш приоритет уште од времето кога бевме опозиција – рече Мицкоски.
Премиерот порача дека Владата останува посветена на исполнување на ветените проекти и дека Велес ќе продолжи да биде еден од стратешките приоритети во наредниот период.