ЗОШТО МОЛЧИ КОАЛИЦИЈАТА МЕЃУ СДСМ, ДУИ И ТАРАВАРИ ЗА ЗАГАДЕНАТА ВОДА ВО ГОСТИВАР? Гласно ја славеа победата, а сега гостиварци стравуваат за животите

Зошто немаше брза реакција на локалните служби и дали СДСМ, ДУИ и Таравари сметаат дека овој скандал ќе помине неказнето и без понесување никаква одговорност, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

398

Коалицијата на СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари за време на изборната кампања за последните локални избори, барајќи ја довербата, на граѓаните во Гостивар им ветуваа подобар живот и подобри услови. Гостиварци им ја дадоа довербата, коалицијата СДСМ-ДУИ-Таравари ја предводи локалната власт, но тоа што им го донесоа е страв и неизвесност за нивно здравје и живот, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Подобриот живот и услови за гостиварци станаа најголемата изборна лага и празно слово на хартија, зашто локалната гостиварска владејачка коалиција граѓаните ги остави без елементарниот услов за живот – чиста и безбедна вода за пиење. Коалицијата СДСМ, ДУИ и Таравари беа гласни додека славеа и се радуваа на победата во Гостивар, но по скандалот со водата и над 1.000 граѓани со симптоми на труење, никаде ги нема да се јават со реакција и да понесат одговорност. Затоа прашуваме, зошто доцни и немаше брза реакција на локалните служби и дали СДСМ, ДУИ и Таравари сметаат дека овој скандал ќе помине неказнето и без понесување никаква одговорност“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.






Од друга страна, се додава, лицемерно е однесувањето на СДСМ за овој сериозен случај, затоа што на чело на партијата го имаат Венко Филипче кому, како министер за здравство, во модуларната во Тетово живи му изгореа 14 лица, а за време на Ковид периодот се случи најголемиот погром во државата, кога илјадници сограѓани ги загубија животите.

„ВМРО-ДПМНЕ очекува целосно расветлување на скандалот во Гостивар и одговорност за тоа што над 1.000 наши сограѓани, поради труење од несовесното раководење на општинските институции, завршија во болница“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата реагира и на вчерашната изјава на Зоран Трифуновски од СДСМ дадена во Гостивар и порача дека со ликови со криминално минато и богато полициско досие, како Трифуновски, СДСМ нема кредибилитет да морализира за скандалот во Гостивар.

„Сомнителни ликови со криминално минато, како организацискиот секретар Зоран Трифуновски се првенци во СДСМ. Според јавно достапните информации, може да се види дека Трифуновски не е ново име во македонската политичка сцена, тој е поранешниот припадник на обезбедувањето на повеќе поранешни високи функционери на СДСМ. Зоран Трифуновски е лице е гонето за обид за убиство и со богато досие за насилство и тепачки, кого ова раководство на СДСМ го стави на висока партиска позиција, а претходното во 2023 година го назначи за директор на МЖ Инфраструктура. До тоа дереџе е дојден некогаш големиот Социјалдемократски сојуз, да не може да најде нови, чисти и чесни ликови, па фронтмени да му бидат лица со матно минато, па тоа да го продаваат како промени и нова енергија во партија. И такви ликови како Трифуновски, на кои местото не им во политиката, особено во високата политика, во име на СДСМ морализираат за состојбата во Гостивар и бараат одговорност за скандалот“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

А тие коишто треба да сносат одговорност се знае кои се, додава партијата.

„Тоа се тие што на денот на изборите заеднички ја славеа победата, а за време на изборната кампа и самиот Венко Филипче повикуваше на поддршка за кандидатот на Таравари, зошто така СДСМ имала сериозни шанси да биде дел од идната локална власт. Со вакви компромитирани кадри и политики на играње на картата на кратка меморија на граѓаните, СДСМ нема никаков кредибилитет ниту да зборува, ниту да бара одговорност, затоа што одговорноста треба да си ја бара во сопствените редови. И за некој сериозно да го сфаќа СДСМ, ќе мора да се исчисти од таквите лица со криминално и сомнително минато“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Организациски секретар на СДСМ, Зоран Трифуновски вчера изјави дека ситуацијата во Гостивар е сериозна и бара брза и одговорна реакција од институциите.

– СДСМ нема никаква врска со управувањето на градот и ние нема да дозволиво оваа тема ВМРО-ДПМНЕ да ја злоупотребува. Повикуваме на силна институционална реакција, прогласување епидемија, решенија, помош за граѓаните, а потоа и одговорност. Мора да има соодветна истрага и одговорност без разлика за кого станува збор – рече Трифуновски.

Поврзани содржини