ФА ДОНЕСЕ ОДЛУКА, ТУХЕЛ ОСТАНУВА Германецот ќе ја води Англија и на ЕП 2028
Фудбалската асоцијација на Англија потврди дека Томас Тухел останува селектор и покрај елиминацијата од Аргентина во полуфиналето на Светското првенство.
Англискиот селектор Томас Тухел останува со целосна поддршка од Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) и се очекува да ја предводи репрезентацијата и на Европското првенство во 2028 година, и покрај елиминацијата во полуфиналето на Светското првенство, пренесуваат британските медиуми.
Англија во средата навечер загуби од Аргентина со 2:1 и остана без место во финалето, а Тухел се најде на удар на критиките поради дефанзивните измени што ги направи откако неговата селекција поведе со 1:0 во полуфиналниот натпревар во Атланта.
– Продолжуваме според договорот до Европското првенство, кое ќе се одржи на домашен терен. Со нетрпение го очекувам тоа, иако во моментов е тешко да се размислува толку далеку. Многу големи репрезентации беа елиминирани уште пред полуфиналето, па и ова е успех. Знам дека никој не сака да го слушне тоа во моментов, ниту јас, бидејќи секогаш очекуваме најмногу од себе – изјави Тухел.
Германскиот стратег во февруари потпиша нов двегодишен договор со ФА, откако ја презеде англиската репрезентација во јануари 2025 година со задача да ја одведе до светската титула.
Извршниот директор на ФА, Марк Булингам, порача дека Федерацијата целосно стои зад германскиот селектор.
– Многу е болно кога ќе бидете толку блиску до финалето. Играчите и Томас дадоа сè од себе, а тренерскиот штаб и целиот тим вложија максимален напор во текот на турнирот. Сакам да им се заблагодарам на сите, како и на нашите фантастични навивачи во САД и дома – изјави Булингам.
Англија в сабота ќе игра против Франција во натпреварот за третото место, а евентуалната победа би ѝ го донела првиот бронзен медал во историјата на настапите на светските првенства.