📷 ЗБОГУМ НА БЕТОНОТ, СКОПЈЕ СТАНУВА ПОЗЕЛЕНО Почна изградбата на нови зелени коридори низ градот
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави продолжување на изградбата на зелени коридори низ Скопје, а во тек е уредување на просторот долж улицата Ѓорче Петров со реконструкција на пешачка патека во должина од четири километри.
Скопје добива нови зелени коридори долж булеварите и главните сообраќајници, со цел да се зголеми зеленилото, да се намали загадувањето и да се подобрат условите за живот на граѓаните. За ова информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи.
Според Ѓорѓиевски, зеленилото треба да стане стандард, а не исклучок во урбаното планирање.
– Скопје мора да биде град во кој зеленилото не е исклучок, туку стандард. Град во кој секој нов проект носи повеќе дрвја, повеќе сенка и поквалитетен живот за граѓаните – истакна тој.
Во моментов се уредува зелен коридор долж улицата Ѓорче Петров, каде паралелно се реконструира и пешачката патека во должина од околу четири километри, која секојдневно ја користат илјадници жители.
– Продолжуваме со изградба на зелени коридори низ целиот град, затоа што тие го намалуваат загадувањето, ја ублажуваат жештината, создаваат природна сенка и го претвораат урбаниот простор во поздраво и попријатно место за живот – нагласи градоначалникот.
Тој додаде дека целта е секоја населба да добие ново зеленило и подобро уредени јавни површини.
– Скопјани заслужуваат чист, зелен и уреден град, во кој секоја населба ќе добие ново зеленило, а секој граѓанин ќе почувствува дека Скопје навистина се менува на подобро. Градиме зелено Скопје, за нас и за генерациите што доаѓаат – порача Ѓорѓиевски.