🎥УЖАС ВО ОХАЈО Спасени 16 деца, со години биле затворени во една соба – некои не знаеле ни да зборуваат

Децата, на возраст од 18 месеци до 18 години, според истражителите, со години биле изолирани од надворешниот свет и најголемиот дел од времето го минувале затворени во една соба.

232

Шеснаесет деца од едно семејство се ставени под привремена државна заштита во американската сојузна држава Охајо, откако властите ги пронајдоа во исклучително тешки услови во куќа во селото Хамден. Дел од децата и натаму се хоспитализирани во сериозна состојба, додека четворицата возрасни обвинети во случајот остануваат во притвор со кауција од по 300.000 долари.

Децата, на возраст од 18 месеци до 18 години, според истражителите, со години биле изолирани од надворешниот свет и најголемиот дел од времето го минувале затворени во една соба. Во куќата биле затекнати исклучително нехигиенски услови, а властите соопштија дека некои од децата не можеле да зборуваат, додека кај други биле забележани сериозни развојни заостанувања.






Случајот бил откриен речиси случајно, при полициска истрага за друг предмет. Властите велат дека семејството со години успевало да остане надвор од системите на образование, здравствена заштита и социјална грижа. Соседите изјавиле дека не знаеле оти во куќата живеат толку многу деца.

По интервенцијата, седум деца биле хоспитализирани, а две биле пренесени со хеликоптер во специјализирани центри за лекување. Според последното соопштение на властите, дел од децата во меѓувреме се пуштени од болница, но други и натаму се на лекување во сериозна состојба.

Полицијата ги уапси родителите и бабата и дедото на децата. Секој од четворицата се соочува со 16 точки од обвинението за загрозување на деца, кривично дело од втор степен според законите на Охајо. Според најновите информации, обвинетите се изјасниле дека не се виновни, а истрагата продолжува.

Случајот предизвика шок во Хамден, мало место во еден од најсиромашните делови на Охајо. Локалните жители сега го поставуваат прашањето како било можно 16 деца со години да живеат изолирани во толку тешки услови, а нивното постоење практично да остане незабележано од соседите и од институциите.

Поврзани содржини