АНГЛИЧАНИТЕ ОСТАНАА БЕЗ КОПАЧКИ, ТОПКИ И ОПРЕМА Крадци му создадоа главоболки на Тухел пред дуелот со Хрватска

Две лица се уапсени по кражбата на дел од опремата на англиската репрезентација, а истрагата е во тек само неколку дена пред првиот натпревар на „Гордиот Албион“ на Светското првенство 2026.

271

Непријатен инцидент ја потресе англиската фудбалска репрезентација непосредно пред стартот на настапот на Светското првенство 2026, откако дел од опремата на селекцијата била украдена за време на транспортот кон Канзас Сити.

Според британските медиуми, возилата кои ја превезувале опремата кон тренинг-центарот на „Гордиот Албион“ биле ограбени пред пристигнувањето на тимот на селекторот Томас Тухел. Меѓу украдените предмети, според првичните информации, има топки, копачки и друга тренинг-опрема, додека Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) сè уште утврдува што точно недостасува и колкава е причинетата штета.






На местото на настанот во петокот вечер интервенирала полицијата, која веднаш започнала истрага. Според првичните информации, две лица се уапсени под сомнение дека се поврзани со кражбата.

– Спроведуваме истрага за можна кражба на опрема од возило на една репрезентација која пристигна во Канзас Сити. Утврдено е дека недостасуваат одредени предмети. Истрагата е во тек – соопшти портпарол на полицијата во Канзас Сити.

Англиската репрезентација треба да пристигне во градот денеска попладне, додека опремата била испратена неколку дена порано за да биде подготвено сè за почетокот на подготовките.

Инцидентот може да предизвика дополнителни главоболки за селекторот Томас Тухел пред првиот натпревар на Мундијалот. Англичаните турнирот го отвораат в среда против Хрватска, а првиот комплетен тренинг е закажан за утре.

Иако засега нема информации дека се украдени предмети од поголема вредност или дека подготовките ќе бидат сериозно нарушени, инцидентот фрли сенка врз атмосферата во англискиот табор во пресрет на еден од најважните спортски настани во светот.

Поврзани содржини