ДВЕ ЛИЦА ЗАГИНАА, ЕДНО ВО ТЕШКА СОСТОЈБА Брутален судир на новиот пат Прилеп–Градско

Во директен судир на два автомобила на експресниот пат Прилеп–Градско загинале две лица, а едно 39-годишно лице од Прилеп е тешко повредено и пренесено во болница во Кавадарци.

659

Две лица го загубиле животот, а едно е тешко повредено во тешка сообраќајна несреќа што се случила на новиот експресен пат Прилеп – Градско, во близина на клучката за Кавадарци, потврдија за МИА од Итната медицинска помош Кавадарци и Територијалната противпожарна единица, кои интервенирале на терен.

Според докторот Антоан Паракеов, раководител на Итна медицинска помош Кавадарци, се работи за директен судир помеѓу две патнички возила.






Во едното возило на местото на несреќата загинале две лица – маж и жена, додека од другото возило е извлечено тешко повредено лице на 39-годишна возраст од Прилеп.

Повредениот во тешка здравствена состојба бил итно пренесен во Општата болница во Кавадарци, каде му е укажана лекарска помош.

Засега нема повеќе информации за причините за несреќата.

Очевидци кои се нашле во близина изјавиле за МИА дека екипите на Брза помош и пожарникарите пристигнале многу брзо на местото на несреќата. Пожарникарите учествувале во извлекување на повредениот од едно од возилата, по што веднаш бил пренесен во болница.

На местото на несреќата е извршен увид, а повеќе детали се очекуваат по завршување на истрагата.

Поврзани содржини