РЕАЛНО Е МАКЕДОНИЈА ДА ОЧЕКУВА ЕКОНОМСКИ РАСТ ОД 3,5% Владата останува уверена во своите политики
По растот од 3,1 процент во првиот квартал, Владата не ги менува економските прогнози. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Македонија бележи едни од најдобрите резултати во Европа и очекува дополнително забрзување до крајот на годината.
Македонија останува на проекцијата за економски раст повисок од 3,5 проценти годинава, порача премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека резултатите од првиот квартал се охрабрувачки.
– Ние остануваме на оние проекции коишто ги имавме, дека ќе биде над 3,5 проценти. Имајќи предвид дека во првиот квартал остваривме реален раст од 3,1 процент, а со усогласени вредности 3,3 проценти, што во однос на бруто домашниот производ претставува еден од најдобрите резултати во Европа во овој момент – изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека, и покрај критиките и различните толкувања на економските показатели, Владата останува уверена во насоката по која се движи економијата.
– Колку и да сакаат поединци да ја извртуваат вистината или сатирично да го пренесуваат сето тоа, за нив имам лоша вест. Македонија забрзува, Македонија победува и Македонија, како многу пати во историјата, ќе победи – порача Мицкоски.
Тој не најави промени во економските проекции и оцени дека досегашните показатели се во согласност со очекувањата на Владата.
Владината проекција предвидува раст на бруто-домашниот производ од над 3,5 проценти, што би било повисоко од остварувањата во повеќе европски економии во истиот период.