📷 РК ВАРДАР ДОБИВА НОВ ДОМ Салата „Расадник“ во Кисела Вода официјално е пуштена во употреба

Салата „Расадник“ со капацитет од околу 1.000 гледачи официјално беше отворена во Кисела Вода, а властите порачаа дека станува збор за објект што ќе биде нов дом на Вардар и место каде ќе се создаваат идни спортски ѕвезди.

133

Условите во спортската сала во Општина Кисела Вода се навистина светски, европски, можеби најсовремени од ваков тип во државата, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на спортската сала „Расадник“ во општина Кисела Вода, објект кој, според него, поставува нови стандарди во спортската инфраструктура во земјата.

Мицкоски истакна дека салата, со капацитет од околу 1.000 гледачи, нуди услови кои се споредливи со европските и светските спортски центри, нагласувајќи дека ваквите инвестиции создаваат простор за развој на младите и за поттикнување на спортскиот дух во заедницата.






– Сигурен сум дека не само младите од Кисела Вода туку и од градот Скопје па и пошироко спортуваат, ќе се натпреваруваат, ќе другаруваат. И зошто да не изродат европски и светски мега ѕвезди коишто се најголеми амбасадори на една држава- истакна премиерот.

Тој посочи дека голем број инфраструктурни проекти влегуваат во финална фаза со доаѓањето на пролетта и летото, а оваа сала е еден од примерите за успешно реализирана иницијатива која, како што рече, ќе им служи на граѓаните со години.

Министерот за спорт Борко Ристовски истакна дека е исклучително горд на процесот кој, како што рече, од запуштен објект прераснал во модерен спортски центар со европски стандарди.

Ристовски нагласи дека проектот бил започнат уште со претходното општинско раководство, а финализиран со актуелната локална власт, во тесна координација со Владата и со тимот задолжен за реализација.

Според него, салата претставува пример како институциите можат успешно да соработуваат, од преземање на ингеренции, преку изработка на проект, до брза и ефикасна реализација.

Според градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денешниот ден претставува исполнување на долгогодишните очекувања на многу генерации кои верувале дека овој проект конечно ќе се реализира.

Ѓорѓиевски нагласи дека салата претставува значаен придонес за спортската инфраструктура на главниот град и дека ќе биде место каде ќе се создаваат нови спортски легенди.

Младите, додаде градоначалникот на Скопје, ќе добијат квалитетен простор за тренинзи, натпревари и развој, а салата ќе биде дом и на ракометниот клуб Вардар, исполнувајќи едно од клучните ветувања.

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменковска Трајковска, истакна дека овој ден претставува значаен момент не само за општината, туку и за Скопје и за целата држава

– Кога заедно се работи, резултатите се видливи,тоа денес го гледаме во Кисела Вода – потенцираше градоначалничката.

Таа нагласи дека општината добива модерен спортски објект опкружен со нов, функционален плоштад, кој, како што рече, „многу ни фалеше“ и ќе биде ново собиралиште за граѓаните.

Поврзани содржини