СИЛНО НЕВРЕМЕ СО ОБИЛНИ ДОЖДОВИ ВО СЛОВЕНИЈА Активирани 50 свлечишта само во еден регион
Оштетени се два државни и еден општински мост, како и делови од патната инфраструктура во областа Халозе.
Силно невреме, проследено со обилни врнежи, предизвика голема материјална штета во словенечката општина Жетале, која се наоѓа во областа Халозе.
Градоначалникот на Жетале Матјаж Копше изјави дека во текот на ноќта биле активирани околу 50 свлечишта, а според првичните информации, оштетени се два државни и еден општински мост, како и делови од патната инфраструктура.
Тој посочи дека поплавени биле и повеќе станбени и деловни објекти.
Надлежните служби, цивилната заштита, противпожарните единици, екипите за одржување на патиштата и општинската администрација веќе се на терен и спроведуваат итни мерки за обезбедување на безбедноста на населението и обновување на сообраќајните врски, пренесува словенечката агенција СТА.
Од Општина Жетале упатија апел до граѓаните да бидат особено внимателни во подрачјата погодени од свлечишта, оштетени патишта и надојдени водотеци, како и да ги почитуваат сите одлуки за затворање на сообраќајниците и упатствата на надлежните служби.