ПОДНАТА ФОНТАНА НА ПЛОШТАДОТ СЕ ВРАЌА ВО ФУНКЦИЈА Ќе се обновуваат и киното „Милениум“ и библиотеката „Браќа Миладиновци“

Подната фонтана на Градскиот плоштад ќе биде обновена, а во подготовка се и три нови јавни тоалети во Градски парк, кај плоштадот „Филип II“ и во центарот на градот. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави и реконструкција на киното „Милениум“, обновување на Планетариумот и на градската библиотека.

280

 

Подната фонтана на плоштадот во Скопје ќе биде обновена, а градот ќе добие и 3 нови современи јавни тоалети. Ова го најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на седница на Советот на Град Скопје, одговарајќи на советнички прашања поврзани со комуналната инфраструктура.






Тој информираше дека во тек се подготовки за повторно ставање во функција на подната фонтана која во минатото повеќепати беше оштетувана од возила што пропаѓаа во неа.

– Фонтаната „Александар Македонски“, која последните 8 години не работеше, е ставена во функција, обновена е и работи и фонтаната „Лотосов цвет“ пред Градскиот парк – рече градоначалникот.

Ѓорѓиевски соопшти и дека повеќе од 210 јавни чешми за пиење вода веќе се ставени во функција, додека најголем дел од фонтаните низ градот повторно работат.

Во однос на јавните тоалети, тој најави дека се подготвуваат три нови современи објекти. Еден ќе биде поставен во Градски парк, втор на плоштадот „Филип II“, а третиот во близина на Градскиот плоштад.

Градоначалникот се осврна и на проектот БРТ, за кој рече дека е во фаза на претквалификација и дека наскоро ќе биде распишан тендер.

Тој повтори дека трасата нема да минува низ постојното средишно зеленило и најави дополнителни зелени појаси долж коридорот по кој ќе се движат автобусите.

Паралелно, преку ребалансот на буџетот се планира реконструкција на киното „Милениум“, обновување на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и на Планетариумот во МКЦ, како дел од подготовките за 2028 година кога Скопје ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата.

Поврзани содржини