СКОПЈАНЕЦ СЕ ЗАКАНУВАЛ ДЕКА ЌЕ ГИ ЗАДАВИ ДЕЦАТА Маж ја претепал сопругата и тештата, пуштил куче да го гризне шурата

Скопјанец, во семеен дом, најпрво вршел насилство и упатувал смртни закани кон сопругата, децата и роднините, а потоа во хаосот пуштил шарпланинец кој каснал еден од оштетените.

277

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка и предложи притвор против 36-годишник кој синоќа вршел семејно насилство и телесно ги повредил сопругата и нејзината мајка. Тој се заканил дека ќе ги задави сопствените деца, а кога пристигнале шурата со таткото го пуштил шарпланинецот и го гризнал за надлактицата и потколеницата.

Oд Обвинителството велат дека осомничениот почнал да вика и да се заканува на сопругата и на нивните две малолетни деца на возраст од 6 и 4 години со намера да ги заплажи. Кога жената побарала да престане, тој ја фатил за раката и ја турнал, повредувајќи ја..






„Потоа осомничениот започнал да ја крши покуќнината и со клуб маса замавнал кон мајката на сопругата, која исто така телесно ја повредил на ногата и во градниот кош. Се заканувал дека сите ќе ги убие, па и дека ќе го задави сопственото дете, при што во еден момент извадил и нож со кој замавнувал, предизвикувајќи чувство на загрозеност, несигурност и страв кај оштетените“, информираат од ОЈО Скопје.

Сопругата на 36-годишникот во еден момент успеала телефонски да ги повика своите брат и татко, а кога пристигнале, осомничениот продолжил и ним да им се заканува со нож. Потоа од дворот го пуштил и своето куче од расата „шарпланинец“ кое гризнало еден од оштетените на надлактицата и потколеницата.

Осомничениот 36-годишник се сомничи за кривичните дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и предизвикување општа опасност. Поради опасност од бегство и опасност од повторување на семејното насилство, Основниот кривичен суд до ОЈО Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Поврзани содржини