📽️ ПРИЈАВИЛЕ ДЕФЕКТ, А ПОТОА НАСТАНАЛ ХАОС Приватен авион се урна и се претвори во огнена топка
Пилот и копилот загинаа откако авион со сериозен механички дефект се урна и експлодира при обид за итно слетување во Доминиканска Република. Истрагата за причините е во тек.
Леталото пријавило сериозен механички дефект и се обидело да се врати на аеродромот, но се урнало при допирот со пистата
Пилот и копилот загинаа откако деловен авион се урна и експлодира при обид за итно слетување на меѓународниот аеродром Ла Романа во Доминиканска Република.
Според информациите што ги пренесе агенцијата Анадолија, авионот „Гулфстрим Г200“ летал кон Остин, во американската сојузна држава Тексас, кога екипажот пријавил сериозни механички проблеми и прогласил вонредна состојба.
Во моментот кога бил регистриран дефектот, авионот се наоѓал на околу 16 наутички милји југозападно од аеродромот Ла Романа. Пилотите веднаш го промениле курсот и се обиделе да се вратат за итно слетување.
Сепак, при допирот со пистата дошло до несреќа. Леталото се урнало, а потоа избувнал силен пожар проследен со експлозија, при што авионот бил зафатен од голема огнена топка.
Според првичните информации, во авионот се наоѓале само двајцата членови на екипажот, кои го загубиле животот.
Доминиканскиот институт за цивилно воздухопловство и Комисијата за истрага на воздухопловни несреќи отворија истрага за утврдување на причините за трагедијата.
Од надлежните институции соопштија дека се активирани сите предвидени протоколи и дека дополнителни информации ќе бидат објавени по завршувањето на првичната анализа на несреќата.
Засега не е познато што точно го предизвикало дефектот на авионот, а истрагата е во тек.