МИЦКОСКИ НАЈАВИ ЗА 5 ДО 10% ПОЕВТИНА СТРУЈА ЗА ГРАЃАНИТЕ Се прави потрошувачко портфолио кое ќе го обезбеди тоа
Премиерот информира и дека се консолидирани акумулациите, кои во април, односно јуни пред две години беа на 7%, сега се на 80% исполнетост.
Владата прави потрошувачко портфолио, кое што треба го усогласи со дистрибутерот ЕВН Хоум и со државниот производител ЕСМ со што би се обезбедила просечна цена на струјата за 5 до 10% поевтина од сегашната, најави денеска од Виница премиерот Христијан Мицкоски кој одговараше на новинарски прашања за проектите за искористување на обновливи извори на енергија и како можат да влијаат врз цената на електричната енергија.
Оваа или следната недела ЕВН Хоум и ЕСМ ќе имаат заеднички работен состанок.
– Така што ние сега практично ги подготвуваме сите индикатори за да можат тие на крајот од годината да го распишат огласот и веќе за следната година да обезбедиме, можеби еден од ретките случаи ќе биде во Европа, ако не и единствен, каде што граѓаните би добиле до 5%, а можеби и повеќе, пониска цена на електричната енергија. Тоа ќе биде нешто што досега не се случило – да ги искористиме поволностите на обновливите извори на енергија, тоа е Сонцето, и во тој микс во текот на целата година да обезбедиме просечна цена на електричната енергија којашто, еве, јас сум умерен оптимист, би била 5 до 10% поевтина од сегашната. Но, ајде да видиме како сето тоа ќе го операционализираме – рече Мицкоски.
Премиерот подвлече дека цел на Владата е на крајот од оваа година по прв пат нашата земја да биде нето извозник на струја и мисли дека тоа ќе се постигне.
– Добро е што и државната ЕСМ се консолидира и во првиот квартал, или да бидам попрецизен, очекувам во првата половина од годината за првпат да имаме позитивни резултати, од оние 150 милиони евра загуба што ги наследивме, да имаме, мојата прогноза е меѓу 6-7 милиони евра добивка. Ќе видиме – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека се консолидирани акумулациите, кои во април, односно јуни месец 2024 година беа на некои 7 отсто, а денеска акумулациите се на 80% исполнетост.
– Сезоната за наводнување е започната овде во хидросистемот „Брегалница“, почнувајќи од Калиманци па сѐ до Лозово. Веќе два месеца трае, апсолутно нема никакви рестрикции, нема ограничувања. Сите корисници добиваат навремено вода. Тоа значи ќе имаме добар род, ќе имаме добра година. Приоритет по приоритет ги решаваме работите. За жал, две години се бориме со напластени проблеми во минатото, но тоа е што е – рече Мицкоски.