ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ РУСИ СО СРПСКИ ПАСОШ СЕ ЗАКАНА ЗА ЕУ? Европската комисија негодува во извештај
Овој документ бил предмет на дискусија на ниво на дипломати на земјите-членки на ЕУ на крајот на мај.
Зголемениот број руски државјани кои, со стекнување српско државјанство добиваат можност за безвизен влез во Европската Унија, претставува потенцијален безбедносен ризик за Унијата, смета Европската комисија.
Во најнов документ на Европската комисија, што го објавува Радио Слободна Европа, во кој се оценува напредокот на Србија во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, оваа институција наведува дека бројот на државјанства доделени на руски државјани е зголемен во изминатиот период.
„И покрај сувереното право на Србија да одлучува за своите политики за државјанство и натурализација, забрзаното стекнување на правото за патување без визи во ЕУ за граѓаните на Русија со доделување на српско државјанство, чиј број е зголемен во споредба со претходните години, претставува потенцијални безбедносни ризици за ЕУ“, се наведува во нон-пејперот на Европската комисија, до кој Радио Слободна Европа има пристап.
Овој документ бил предмет на дискусија на ниво на дипломати на земјите-членки на ЕУ на крајот на мај.
„Србија мора да ја подобри проверката на барањата за виза поднесени од граѓани на земји кои се сметаат за ризик во однос на нерегуларната миграција или безбедноста“, пишува РСЕ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ веќе објави дека Србија нема да воведува визи за руските граѓани.
Според условите на Планот за раст, Србија треба да воведе визи за најмалку три земји до крајот на годината. Визната политика на Србија е „само делумно усогласена“ со визната политика на Европската Унија. Во моментов, 12 таканаречени трети земји уживаат безвизен режим со Србија, но не и со ЕУ: Ерменија, Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Кина, Индонезија, Јамајка, Киргистан, Казахстан, Русија, Суринам и Турција.