„ЕР СРБИЈА“ ГО ОБНОВУВА ЛЕТОТ БЕЛГРАД – ОХРИД Реконструкцијата на аеродромот оди добро

Министерот за транспорт и врски Николоски очекува за два месеца аеродромот да изгледа целосно нов, со проширени делови за пристигнување и заминување, што ќе донесе дополнителен економски стимул.

343

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со генералниот директор на „ТАВ Македонија“ денеска извршија увид во градежните работи за реконструкцијата на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во  Охрид.

Со проектот е предвидено да бидат обезбедени дополнителни 4.500 метри квадратни функционален простор, за поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патниците, како и подобри услови за работа на персоналот, полицијата и царинската управа.






Како што беше истакнато на прес-конференцијата, работите се над 65% реализирани, а она што е можеби најважно е што градежните активности се одвиваат без притоа да се попречува работата на аеродромот.

– За околу два месеца аеродромот ќе изгледа целосно ново, со проширени делови за пристигнување и заминување, што ќе донесе дополнителен економски стимул – рече Николоски.

Според него, инфраструктурните проекти како автопатот Охрид–Кичево дополнително ќе придонесат за развојот на целиот регион.

Директорот на „ТАВ Македонија“ од своја страна посочи дека реконструкцијата и проширувањето на аеродромот во Охрид е проект вреден 2,7 милиони евра, средства што ќе овозможат удобност и пријатност за сите патници, но и подобри оперативни услови за вработените.

– Ќе продолжиме со проширување на мрежата на директни рути и со јакнење на меѓународната поврзаност -рече Курт.

За модернизацијата на охридскиот аеродром тој уште очекува  да придонесе за натамошно позиционирање на Охридскиот регион и Македонија како една од најатрактивните и најдостапни туристички дестинации во Европа, а во соработка со авиокомпаниите и со поддршка на Владата ќе продолжи проширувањето на мрежата на директни линии и зајакнувањето на меѓународната поврзаност на аеродромот.

Тој информираше дека од утре „Ер Србија“ ја воспоставува сезонската линија Белград–Охрид, додека на 16 јуни „Туркиш ерлајнс“ ќе ги стартува сезонските летови, кои ќе сообраќаат четири пати неделно.

Курт додаде дека до крајот на јуни охридскиот аеродром ќе има осум авиокомпании кои ќе сообраќаат на 17 дестинации, од кои 14 редовни и сезонски линии и три чартер-дестинации.

Во оваа прилика Курт потсети дека охридскиот и скопскиот аеродром се меѓу најбрзорастечките во Европа, при што Македонија бележи раст од 31 отсто на патничкиот сообраќај во првите пет месеци од годинава.

 

Поврзани содржини