ИСТОРИСКИ УСПЕХ НА МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА Македонија избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на ОН

За првпат од осамостојувањето сме избрани во едно од водечките тела на Обединетите нации, објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук.

1,096

Македонија денеска е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за мандатниот период 2027–2029 година.

На гласањето што се одржа во седиштето на ОН во Њујорк, кандидатурата на Македонија доби поддршка од 174 држави членки.






Станува збор за историски успех на македонската дипломатија, бидејќи за првпат од независноста државата ќе биде членка на едно од главните тела на системот на Обединетите Нации.

„За првпат од осамостојувањето сме избрани во едно од водечките тела на ОН. Огромен успех за државата и македонската дипломатија“, објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук.

Овој избор е потврда дека државата може да постигнува резултати кога работи плански, сериозно и со јасна дипломатска цел, тоа е признание за трудот на нашата активната дипломатија и за довербата што ја градиме со нашите партнери, додаде Мицкоски.

„Во изминатиот период Македонија стана членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, како и на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје. Денешниот избор во ЕКОСОК е продолжение на тој позитивен тренд и доказ дека нашето присуство во меѓународните организации станува посилно и повидливо“, посочи премиерот.

Нашата цел, додаде тој, е Македонија да биде држава која не стои на маргините, туку активно учествува, гради партнерства и придонесува во решавањето на прашањата што се важни за граѓаните и за меѓународната заедница.

„Овој успех е резултат на работа, доверба и одговорен пристап. Продолжуваме да ја зајакнуваме позицијата на Македонија, да создаваме нови можности и да покажеме дека со сериозна работа нашата држава може да биде почитуван и активен дел од глобалните процеси“, објави Мицкоски.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека ова е уште една потврда за кредибилитетот и активната улога на државата во мултилатералната дипломатија.

„Ова е успех на македонската дипломатија. Успех на посветеност, на доверба и на работа која често се одвива далеку од очите на јавноста, но носи конкретни резултати. Ова е дипломатски успех кој не се мери само со изборот, туку и со довербата што стои зад него“, истакна Муцунски.

Тој посочи дека изборот во ЕКОСОК е уште еден значаен чекор во зајакнувањето на присуството на државата во мултилатералните процеси.

Членството во ЕКОСОК ќе овозможи поактивно учество на државата во глобалните дебати и процеси поврзани со економскиот и социјалниот развој, одржливиот развој, хуманитарните прашања и човековите права, како и дополнително зајакнување на нејзината меѓународна видливост и кредибилитет.

Економскиот и социјалниот совет е еден од шесте главни органи на Обединетите нации и има централна улога во координацијата на економските, социјалните и развојните политики во рамките на системот на ОН.

Поврзани содржини