ПОДАРИЛА 138 ПЕРИКИ НА ЖЕНИ БОЛНИ ОД РАК Награди за Сашка Кузманова и платформата на дм „Иднина која инспирира“
На свечениот настан по повод 18 години од постоењето на магазинот „Убавина и здравје“, посебно внимание привлече приказната на Сашка Кузманова, која ја освои наградата за хуманост за нејзината благородна мисија преку „Инфинити Лајф КС“ од Кавадарци – рачна изработка на перики од природна коса, кои бесплатно им ги подарува на онколошки пациенти и повредени лица. На истиот настан, награда за општествена одговорност доби и компанијата dm drogerie markt за платформата „Иднина која инспирира“, создадена со цел да ги поврзе луѓето, нивните идеи и конкретните потреби на заедницата.
Токму преку оваа платформа, Сашка ја сподели својата лична приказна и покажа дека хуманоста започнува од поединци кои одлучиле своето време, знаење и труд да ги вложат таму каде што се најпотребни. Со секоја изработена перика, таа не подарува само производ, туку враќа самодоверба, надеж и достоинство на луѓе кои минуваат низ исклучително тежок животен период.
– „Инфинити Лајф КС“ не започна случајно. Секојдневното соочување со лица коишто се соочуваат со најподмолната болест ме натераа да размислувам на кој начин да им помогнам. Така се роди „Инфинити Лајф КС“, Кавадарци. Изработка на перики од природно влакно. А изработените перики се подаруваат онаму каде што се најпотребни, на болните жени од рак кои не можат да си дозволат да ги купат затоа што се значително скапи и не толку достапни кај нас. Досега се подарени 138 перики! И продолжуваме напред – за повеќе насмевки!“ – сподели Сашка при пријавувањето на својот личен ангажман на платформата „Иднина која инспирира“.
„Иднина која инспирира“ е иницијатива на dm насочена кон поттикнување на општествениот ангажман и активното учество на поединците во обликувањето на заедничката иднина. Платформата овозможува поединци да споделуваат лични приказни за својот општествен ангажман и на тој начин да инспирираат други, додека здруженија, организации, институции и други непрофитни субјекти можат да пријавуваат проекти што вклучуваат волонтерски ангажман или отвораат простор за граѓанско учество. Пријавувањето се одвива во три категории: зајакнување на солидарноста и општествениот ангажман, поттикнување развој и напредок преку еднаквост, инклузија и образование, како и одговорно дејствување во согласност со природата, засновано на одржливи практики.
Покрај Сашка, на платформата постојано пристигнуваат нови пријави од поединци и проекти од здруженија, организации и институции. Секоја од овие приказни покажува дека промените најчесто започнуваат од луѓе кои одлучиле да направат чекор повеќе – да даруваат време, внимание, знаење или поддршка за заедницата.
Пријавувањето на лични приказни и проекти на платформата е отворено до 31 јули 2026 година, а проектите што ќе добијат поддршка од dm ќе бидат објавени од септември 2026 година. Поединците можат да ги споделат своите приказни за личен општествен ангажман на следниот линк, додека здруженијата, организациите и институциите можат да пријават проекти што вклучуваат волонтерски ангажман или граѓанско учество преку платформата на овој линк.
Со признанието за Сашка Кузманова и наградата за dm, настанот на „Убавина и здравје“ уште еднаш покажа дека хуманоста, личниот ангажман и општествената одговорност имаат вистинска сила кога се препознаени, поддржани и споделени. Приказната на Сашка е потсетник дека понекогаш еден човечки гест може да значи многу повеќе од помош – може да значи надеж, достоинство и нова насмевка. А токму таквите приказни се иднината која инспирира.