📽️ ПРОЛЕТНАТА ГЕНЕРАЛКА ВО СКОПЈЕ СЕ ВРШИ СО ЗАСИЛЕНО ТЕМПО Градот во акција за чистење, сигнализација и уредување
Град Скопје спроведува засилени активности за уредување на јавниот простор, обновување на сообраќајната сигнализација, поставување заштитни столпчиња, уредување на зеленилото и чистење на коритото на Вардар, со цел подобрување на безбедноста и урбаната слика на градот.
Град Скопје спроведува засилени активности за уредување и подобрување на јавниот простор низ целата територија на градот, паралелно со тековните инфраструктурни проекти.
Во рамки на активностите се работи на обновување на хоризонталната сообраќајна сигнализација и замена на дотраените сообраќајни знаци, со цел зголемување на безбедноста и подобра организација на сообраќајот на градските булевари и улици.
Паралелно, долж клучните сообраќајници се поставуваат заштитни столпчиња со кои се штитат пешачките и велосипедските патеки, но и се спречува непрописно паркирање и узурпација на јавниот простор.
Од Град Скопје информираат дека засилено се работи и на одржување и уредување на зеленилото, при што се интервенира во парковите, булеварите и останатите јавни површини кои се под надлежност на градот. Дополнително, континуирано се спроведува чистење на коритото на реката Вардар на територијата на Скопје.
Во тек се и активности за уредување на пешачките зони во Зоолошката градина, како и за подобрување на пешачката и велосипедската инфраструктура низ градот.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски истакна дека овие активности се дел од поширока стратегија за враќање на урбаниот ред и функционалноста на јавниот простор.
– Наш приоритет е Скопје да биде почист, побезбеден и поуреден град за сите граѓани. Затоа паралелно работиме на инфраструктурата, сигнализацијата, зеленилото и чистењето на Вардар. Ова е континуиран процес кој нема да застане – порача Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје додаваат дека сите јавни претпријатија се целосно ангажирани и работат со полн капацитет со цел подобрување на квалитетот на животот и урбаната слика на градот.