ПОЛИЦИЈАТА НЕМАШЕ МИЛОСТ ВО МАЈ Изречени речиси 17.000 казни, одземени 238 возила

Најмногу казни се изречени за пребрзо возење, непрописно паркирање и користење мобилен телефон зад воланот, додека од сообраќај биле исклучени стотици нерегистрирани и технички неисправни возила.

0

Полицијата во текот на мај изрекла вкупно 16.885 казни за различни сообраќајни прекршоци низ државата, а најголем дел од нив се однесуваат на возачи кои возеле побрзо од дозволеното.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, дури 4.473 возачи биле санкционирани поради непочитување на ограничувањето на брзината, што го прави овој прекршок најчест меѓу учесниците во сообраќајот.






На второто место се непрописно паркираните возила, за што биле издадени 3.851 казна, додека 920 возачи биле фатени како користат мобилен телефон зад воланот.

Во текот на месецот полицијата санкционирала и стотици возачи за потешки прекршоци. Евидентирани се 241 случај на управување возило без возачка дозвола, 70 возачи биле затекнати како возат под дејство на алкохол, а 33 лица управувале возило и покрај претходно изречена забрана.

Посебно загрижува податокот дека во текот на мај биле одземени 238 возила согласно одредбите од Кривичниот законик.

Контролите покажале и дека голем број возачи на мотоцикли не користат заштитна опрема. Санкционирани биле 1.281 мотоциклист поради неносење кацига.

Казни добиле и 1.584 лица кои не користеле сигурносен појас, како и 295 пешаци поради прекршоци во сообраќајот.

Од сообраќај биле исклучени 240 нерегистрирани возила, додека 83 возила биле отстранети поради техничка неисправност. Дополнително, 55 возачи биле санкционирани поради неправилно затемнети стакла на возилата.

Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

Поврзани содржини