📽️ Е-ТРОТИНЕТОТ НЕ Е ИГРАЧКА, ТУКУ ВОЗИЛО Болниците се полнат со повредени, институциите со аларм до возачите.

Видео-спот со лично сведоштво на повредено лице и предупредувања од лекари треба да ја подигне свеста за ризиците од неодговорно возење на електрични тротинети.

0

Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата започнаа заедничка кампања насочена кон поголема безбедност на корисниците на електрични тротинети, откако во изминатиот период е забележан пораст на бројот на сообраќајни незгоди и повреди поврзани со овој вид превоз.

Преку видео-едукативен спот, институциите ги потсетуваат граѓаните на законските правила за управување со електрични тротинети, но и на ризиците што ги носи неодговорното учество во сообраќајот.






Во кампањата е вклучено и сведоштво од лице кое доживеало несреќа додека управувало е-тротинет, како и стручно мислење од лекар кој укажува на сериозните последици што можат да настанат при падови и судири.

„Целта е да ја подигнеме свеста кај граѓаните, особено кај младите, за одговорно користење на електричните тротинети. Со почитување на правилата и користење на заштитна опрема може значително да се намали ризикот од повреди и сообраќајни незгоди“, велат од МВР и РСБСП.

Од институциите посочуваат дека електричните тротинети стануваат сè попопуларно превозно средство, но предупредуваат дека нивното користење бара исто ниво на одговорност како и управувањето со другите возила во сообраќајот.

Кампањата има за цел да поттикне побезбедно однесување на возачите на е-тротинети и да придонесе кон намалување на бројот на повредени лица на улиците.

Поврзани содржини