📷 📽️ СЕ ЧИСТИ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ По децении запуштеност започна акција за враќање на нејзиниот изглед

Започна чистење и уредување на Железничката станица во Скопје, со планови за долгорочна реконструкција и враќање на нејзиниот изглед.

1,317

Започна акција за чистење и уредување на Железничката станица во Скопје, која со децении, како што наведуваат надлежните, била оставена без соодветна грижа и станала визуелно и функционално запуштен објект во центарот на главниот град.

Директорот на ЈП „Железници Инфраструктура“, Синиша Ивановски, преку објава на својот Фејсбук профил информира дека веќе се преземаат конкретни мерки за подобрување на надворешниот и внатрешниот изглед на станицата, како дел од подолгорочен процес на реконструкција.






Според него, првичните активности опфатиле отстранување на билборди, светлосни реклами и постери кои со години биле поставени на објектот, како и започнување на генерално чистење на просторот.

„По декади запуштеност се чисти Железничката станица во Скопје. Железничката станица во Скопје треба да претставува гордост на главниот град. Декади запуштеност и немање институционална и општествена грижа, за жал, ја претвори во тотално не-репрезентативен објект“, наведува Ивановски.

Тој додава дека процесот нема да биде брз, но дека институцијата започнува систематски пристап кон враќање на функционалноста и изгледот на објектот.

„Превземаме мерки за подигнување на нивото на надворешниот и внатрешниот изглед преку долготрајна акција и сет на активности“, стои во објавата.

Во рамки на првите чекори, останал само еден светлосен рекламен панел, за кој, како што посочува, доколку не биде отстранет во рок од седум дена, договорот за закуп ќе биде раскинат.

Ивановски информира и дека паралелно се работи на поширок план – во соработка со Архитектонскиот факултет се подготвува проект за целосна реконструкција, додека ИЗИИС ја испитува конструктивната состојба на објектот.

„Процесот на враќање на нормалниот изглед нема да биде лесен, но да почнеме денес“, порача директорот.

Тој додаде и дека во рамки на објектот функционира полициска станица и се заблагодари за нивната соработка.

Поврзани содржини