ПОЛИТИКАТА ОД ДЕНЕС ЗА УТРЕ ГИ ПРЕМИНА ГРАНИЦИТЕ Јавниот долг на ЕУ може да експлодира, ММФ ги искара министрите за финансии

Со непроменета политика, долгот на просечна европска земја би достигнал 130 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) до 2040 година, што е речиси двојно повеќе во споредба со денес, наведе ММФ.

68

Патеката на јавниот долг на Европската Унија би можела да „експлодира“, што би ѝ нанело штета на економијата на Унијата доколку не се преземат мерки за решавање на фискалните притисоци, им беше речено денеска од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на министрите за финансии на ЕУ.

„Доколку не се контролира, јавниот долг ќе се најде на неодржлива патека. Со непроменета политика, долгот на просечна европска земја би достигнал 130 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) до 2040 година, што е речиси двојно повеќе во споредба со денес“, наведе ММФ во документот претставен пред министрите за финансии за време на неформалниот состанок во Никозија, Кипар.






Фондот истовремено предупреди дека владите на ЕУ ќе се соочат со зголемен притисок врз потрошувачката за одбрана, енергетика и пензии во следните 15 години. Експертите на ММФ предложија комбинација од структурни и фискални реформи, заедничко задолжување и фискална консолидација за да се реши ова прашање, пренесува „Политико“.

„Пристапот на снаоѓање од денес за утре, кој многу земји досега го применуваа, ги достигнува своите граници и се чини дека е неопходен стратешки одговор за да се реагира на растечките притисоци врз потрошувачката“, додадоа од ММФ.

Претставниците на Европскиот суд на ревизори исто така им пренесоа на министрите за финансии дека пасивноста не е опција, истакнувајќи ја потребата од мерки за фискална консолидација.

Во документот на ММФ се повикуваат земјите од ЕУ да ги поттикнат трудот и вработувањето ширум блокот од 27 земји, да го поедностават текот на заштедите на граѓаните во инвестиции, да ги интегрираат енергетските пазари и да спроведат проекти отпорни на климатските промени. Како што се наведува, пензиските реформи и повисоката старосна граница за пензионирање исто така би помогнале.

ЕУ би требало да се согласи дека иновациите, енергетиката и одбраната се јавни добра и дека треба да се финансираат со заедничко задолжување, се додава во документот. ЕУ остана во ќор-сокак по прашањето за идејата за поделба на долгот со цел да се отклучат дополнителни средства, при што некои земји како Шпанија, Италија, Грција или Франција силно ја поддржуваат таа иницијатива, додека други, како Германија, се против.

– Соочени сме со нови и постојани потреби за потрошувачка – изјави комесарот на ЕУ за економија, Валдис Домбровскис, на прес-конференцијата по состанокот на министрите за финансии. Тој додаде дека, во исто време, расположливиот фискален простор е веќе ограничен, нивоата на долг се високи, а стареењето на населението дополнително ги влошува предизвиците.

– Ова не е апстрактен проблем. Тоа е многу конкретен и итен политички предизвик со кој се соочуваме овде. Накратко, решението е поголем раст и подобра потрошувачка – рече Домбровскис.

Тој додаде дека заедничкото задолжување е веќе реалност, бидејќи на тој начин се финансирани проектите за зајакнување на одбранбените капацитети на ЕУ, како и заемот за поддршка на Украина.

Поврзани содржини