БРОЈКИТЕ ЈА ПОБИВААТ ПАНИКАТА НА ФИЛИПЧЕ На министерката за финансии ѝ дојде преку глава од хистерични прес-конференции
Оваа Влада денес има огромен предизвик: истовремено да го финансира развојот и да ги сервисира старите долгови создадени токму во време на СДСМ, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска го повика на средба економскиот тим на опозицијата во Министерството за финансии.
Кусо по нејзината објава на Фејсбук од СДСМ соопштија дека ја прифаќаат поканата, ама да дошле и медиумите со камери.
„Добро. Доаѓаме. Но, да дојдат и медиумите со камери“, возвратија од СДСМ.
Министерката во објавата повика „да седнеме и убаво да ги објасниме работите, затоа што деновиве гледаме хистерични прес-конференции, полни со невистини, погрешни толкувања и крајно очајни политички конструкции.“
Според неа, за економијата не се зборува со паника, туку за економијата зборуваат бројките, со кои, вели, опозицијата не стои баш добро.
„Последните две години не градиме држава од нула. Ние ја стабилизираме државата што ја оставивте со празна каса, натрупани долгови, нарушена доверба и институции кои предолго беа користени за тесни партиски и лични интереси.
Да потсетам:
Во јуни 2024 година државната каса беше оставена во исклучително тешка состојба.
Од 2017 до 2024 година просечниот раст на БДП беше околу 1,8%, најслабото темпо на развој во регионот.
Во 2017 година јавниот долг изнесуваше 4,78 милијарди евра, а до вториот квартал од 2024 година достигна речиси 9 милијарди евра.
Тоа е практично двојно зголемување на јавниот долг за време на владеењето на СДСМ.
Наместо развој, граѓаните добија задолжување, инфлација, неизвесност и изгубени економски можности.
Денес состојбата е поинаква.
Во изминатите шест квартали економијата расте со околу 3%, во време кога растот во Европската Унија е околу 1%.
Македонската економија во 2025 година бележи стабилен раст од околу 3,5%.
Платите растат со динамика близу 10%.
Бројот на нововработени лица расте.
Капиталните инвестиции се реализираат на историски високо ниво.
Ова не се бројки од партиски штаб. Ова се реални економски показатели.
Министерството за финансии има јасна стратегија и одговорна политика за управување со јавниот долг. Секој чекор се прави врз основа на анализи, рокови на достасување, услови на пазарот и интересите на државата.
Нема импровизација. Има домаќинско, внимателно и одговорно работење.
Да бидеме уште поконкретни.
Оваа Влада денес има огромен предизвик: истовремено да го финансира развојот и да ги сервисира старите долгови создадени токму во време на СДСМ.
Минатата година беше отплатена еврообврзница од 500 милиони евра.
Оваа година за отплата е еврообврзница од 700 милиони евра, исто така земена од владите на СДСМ. Половина од оваа обврска веќе е сервисирана, а остатокот ќе биде сервисираран во текот на јуни 2026 година.
Од 2026 до 2031 година државата има обврска да сервисира околу 9 милијарди евра по основ на главнина и камати од стари долгови.
Само од втората половина на 2024 година до првиот квартал од 2026 година беа обезбедени 1,2 милијарди евра исклучиво за сервисирање на еврообврзници земени од претходната власт.
И тоа е само дел од обврските што достасуваат, покрај сите други обврски за проекти и задолжувања на домашниот пазар.
Затоа јавноста треба да знае: денес ние не се задолжуваме за луксуз, ниту за политички маркетинг. Денес мораме истовремено да враќаме стари долгови, да обезбедуваме ликвидност, да инвестираме во капитални проекти, да поддржуваме повисоки плати и пензии и да ја стабилизираме економијата.
А што остави претходната власт?
Само во декември 2023 година во Министерството за финансии беа потпишани дури 12 закони за задолжување.
Оставија хаос во јавните финансии.
Оставија систем без јасен правец.
Оставија пензионери кои беа заборавени.
Оставија плати чиј раст беше обезвреднет од високата инфлација.
Денес, за разлика од тоа време, граѓаните повторно почнуваат да гледаат држава која работи за нив. Држава која покажува одговорност. Држава која ги враќа довербата, гордоста, патриотизмот, достоинството и чувството дека институциите конечно се во служба на граѓаните.
Знам дека тоа ја боли опозицијата. Ги боли тоа што работиме посветено, што покажуваме резултати и што нивните политички конструкции сè потешко поминуваат кај граѓаните.
И кога веќе зборуваат за економија, добро е да се потсетат и на уште еден факт: како Влада, навремено ги презедовме сите потребни мерки за стабилизација на пазарот и заштита на стандардот на граѓаните. Денес имаме меѓу најниските цени на горивата во регионот, што е резултат на одговорни и навремени политики.
Затоа, пред следната прес-конференција, ги замолувам добро да ги проверат информациите што им ги подготвуваат советниците.
Податоците за кои зборуваат се јавно достапни на веб-страницата на Министерството за финансии и многу лесно можат да се проверат.
Ако не успеваат, јас и мојот тим стоиме целосно на располагање.
Фактите, бројките и резултатите се на страната на Владата. А кога е така, политичките конструкции многу брзо паѓаат во вода“, напиша министерката Димитриеска Кочоска.