СВИРЕЖИТЕ НА ХИМНАТА ЈА КРЕНАА ДРЖАВАТА НА НОЗЕ Се подготвуваат нови мерки за спортските клубови, реагира Министерството за спорт

Министерството за спорт најави законски измени и можни санкции, откако на финалето од Купот на Македонија беа исвиркани химната и одбиени медалите.

326

Министерството за спорт најави можни законски измени и построги санкции по инцидентите што се случија на финалето од Купот на Македонија меѓу ФК Силекс и ФК Шкендија, каде дел од навивачите ја исвиркаа македонската химна, а фудбалерите на Шкендија одбија да ги примат медалите по натпреварот.

Од Министерството порачаа дека ваквото однесување е неприфатливо и директно му штети на угледот на спортот, федерациите и државата.






„Министерството за спорт најостро ги осудува свирежите на националната химна од страна на навивачите на Шкендија, но уште повеќе нè загрижува однесувањето на играчите кои одбија да ги примат медалите по завршувањето на натпреварот“, наведуваат од Министерството.

Во реакцијата се посочува дека во последниот период зачестиле инциденти и провокации од различни страни – навивачи, клубови, фудбалери и спортски работници – кои, според Министерството, создаваат лоша слика за македонскиот спорт.

Од таму најавуваат дека веќе се разгледува можноста за измени во Законот за спорт, со кои државата би добила поголеми овластувања за санкционирање на вакви случаи.

„Казните ќе бидат во делот на добивањето државна помош, а во крајна линија ќе се предвиди и постапка за одземање на решенијата за дејност спорт, со што ќе се губи правото на настап во националното првенство“, соопшти Министерството.

Воедно, апел беше упатен и до ФФМ да го заостри дисциплинскиот правилник и да воведе поригорозни мерки за нарушување на редот и угледот на натпреварите.

„Ваквите и слични девијантни појави не смеат да бидат секојдневие во спортот“, порачаа од Министерството, додавајќи дека ќе направат сè за да ги заштитат националните интереси и угледот на македонскиот спорт.

Инцидентите од финалето предизвикаа бурни реакции во јавноста, а се очекува и официјална реакција од Фудбалската федерација на Македонија и од клубовите инволвирани во случајот.

Поврзани содржини