ПРЕВОЗНИЦИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ И РОМАНСКА И АВСТРИСКА ДОЛГОРОЧНА ВИЗА Николоски вели дека разговорите со овие земји се во тек
Министерот за транспорт и врски вели дека ЕК знае колку е важно решавањето на прашањето на превозниците и веќе работи на тоа.
Македонските превозници ќе аплицираат за хрватската долготрајна виза во амбасадата на Хрватска во Скопје, во другите дипломатско-конзуларни претставништва или директно во Загреб, појасни вчера министерот за транспорт и врски Александар Николоски, откако Саборот на Хрватска го донесе Законот за странци со кој се овозможува странските профсионални возачи да добиваат долгорочна виза.
Прашањето на визите е важно за превозниците при решавањето на проблемот со системот на влез и излез во Шенген зоната.
Николоски рече дека при крај е договорот и со Романија, а се разговара и со Австрија.
– Со Швајцарија веќе функционира овој систем, така да за разлика од нашите соседи, ние го решаваме овој проблем тивко – рече Николоски во интервју за ТВ Сител.
Тој објасни и како ќе биде аплицирањето за визите.
Николоски рече дека процесот се води тивко бидејќи се работи за суштински огромен проблем.
-Не мислам дека начин на решавање на овој проблем е со голема гласност, со правење на дневно политички поени, со обвинување на други или со плачење на сопствената судбина и продуцирање на лажни надежи во јавни вести – рече тој.
Според него, по протестот на превозниците со затворање на граничните премини за товарен сообраќај Европската комисија разбрала колкав е проблемот и затоа ја презентира визна стратегија далеку порано од предвиденото.
– И таму беше јасно дека професионалните возачи ќе се признаат како категорија, претходно не беше призната. Тоа успеавме да го направиме, потоа беше прашање на методологија како, наш став беше дека е најдобро со долгорочни визи. Во текот на протестите итно заминав за Загреб, се сретнав со владини претставници вклучувајќи го и мојот колега вицепремиер и министер за транспорт, Олег Бутковиќ, каде рамката ја договоривме и таа рамка сега Хрватска ја обезбеди и да се заблагодарам на Хрватскиот Сабор што ја донесе таа одлука. Паралелно работиме и со Романија и таму процедурата е при крај, почнавме процедура со Австрија – рече Николоски.