Општина Центар во соработка со Здружението на пензионери на Општина Центар вечерва, со почеток од 19 часот, го организира настанот „Носталгија за корзо – сеќавање на едно убаво време“.
Настанот ќе започне од плоштадот „Македонија“ со симболична прошетка низ старото скопско корзо, а потоа продолжува во салата на ООУ „Димитар Миладинов“ каде ќе се одржи свечена игранка.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги покани сограѓаните да дојдат на настанот и да го почувствуваат шармот на некогашните променади низ центарот на Скопје.
– Ќе прошетаме покрај Ристиќева палата, поранешниот хотел „Македонија“, „Кенан“, „Ванила“ и „Громби“ – местата каде што се создаваа најубавите спомени. Ќе се потсетиме на златните скопски времиња, кога корзото беше центар на светот, место каде што се раѓаа првите симпатии и љубови, а еден поглед значеше повеќе од илјада пораки на мобилен телефон – рече Герасимовски.
Активот на жени пензионери на Општина Центар ги покани пензионерите од другите општини да се приклучат на ова ретро дружење.
– Ова е прекрасна можност повторно да се сретнеме, да прошетаме по некогашното корзо и да ги разбудиме спомените од младоста. Дружењето ќе продолжи во свечената сала на ООУ „Димитар Миладинов“ (поранешно „Браќа Рибар“), со игранка и евергрини со диџеј, кои ќе нè вратат во едно поинакво Скопје и ќе ги разбудат емоциите што сè уште живеат во сите нас – велат пензионерите од Центар.