ВРАЌАЊЕ НА „ЧЕЛИЧНИОТ“ ЈАНША Словенија врти во десно, има шанса за малцинска влада

Јанез Јанша е на чекор до враќање на премиерската функција по четврти пат, откако обезбеди поддршка за парламентарно мнозинство. Политичкиот пресврт доаѓа само 2 месеца по изборите, а словенечките медиуми веќе зборуваат за остро вртење надесно и можна нова конфронтација со Брисел.

353

Рокот за предлагање кандидат за нов словенечки премиер истекува вечерва на полноќ, а речиси е сигурно дека Словенечката демократска партија ќе го предложи својот долгогодишен лидер Јанез Јанша.

Доколку добие поддршка во парламентот, тој по четврти пат ќе стане премиер на Словенија.






Досегашниот премиер Роберт Голоб, иако беше релативен победник на изборите, не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство. Неговото Движење Слобода сега оди во опозиција.

Политичкиот пресврт стана очигледен откако популистичката партија „Вистина“, предводена од Зоран Стевановиќ, потврди дека ќе го поддржи Јанша.

Со тие потписи, десницата стигнува до потребните 46 пратеници за апсолутно мнозинство.

Малцинска влада со краток рок?

Иако ќе го поддржи Јанша, партијата „Вистина“ нема формално да влезе во владата.

Тоа значи дека идната коалиција ќе биде малцинска, поради што аналитичарите предупредуваат дека може да има краток политички век.

Во новата коалиција влегуваат: СДС на Јанша, Нова Словенија, Демократите на Анже Логар и уште две помали партии.

Предизборна измама?

Особено внимание во Словенија привлекува улогата на Анже Логар. Тој минатата година ја напушти СДС и формира сопствена партија.

Но, сега повторно застанува зад Јанша.

Дел од словенечката јавност ова веќе го коментира како однапред договорен предизборен маневар за собирање мнозинство.

Тајно гласање, неизвесен финиш

Гласањето за новиот мандатар се очекува до крајот на неделата. Изјаснувањето ќе биде тајно, а за избор повторно се потребни 46 гласа.

Доколку Јанша не добие доверба, парламентот во рок од 48 часа може да оди во трет круг, каде ќе биде доволно обично мнозинство.

Ако и тогаш не биде избран премиер, претседателката ќе распише нови избори.

Судир со Брисел?

Враќањето на Јанша се толкува како остро вртење на Словенија надесно.

Иако неговата СДС формално е дел од Европската народна партија, многумина ја сметаат за идеолошки поблиска до европската радикална десница отколку до класичниот десен центар.

Словенечките медиуми веќе предупредуваат дека тоа може да донесе нови политички судири меѓу Љубљана и Брисел.

Поврзани содржини