„ЌЕ ПРЕГОВАРАМ КОГА ЌЕ СЕ ОДМОРАМ“ Балканскиот криптогениј го шокираше светот со дрскоста

Осомничениот хакер Андеан Меѓедовиќ извлекол десетици милиони долари од криптоплатформи, а потоа им испраќал пораки на жртвите и барал контрола врз компаниите. По 105 дена во српски притвор бил ослободен, а денес никој не знае каде се наоѓа.

952

Андеан Меѓедовиќ, канадски хакер со потекло од Босна и Херцеговина, стана една од најмистериозните фигури во светот на криптовалутите откако беше поврзан со измама тешка 65 милиони долари, па исчезна по ослободувањето од притвор во Србија.

Меѓедовиќ, кого медиумите го нарекуваат математички гениј, завршил средно училиште на 14 години, а магистрирал математика на само 18.

Наместо академска кариера, неговото име денес се поврзува со спектакуларни криптонапади врз платформите Indexed Finance и KyberSwap.

„Ќе преговарам кога ќе се одморам“

По нападот врз KyberSwap, хакерот испратил порака што го шокирала криптосветот.

„Преговорите ќе започнат за неколку часа кога ќе се одморам целосно. Ви благодарам“, напишал напаѓачот.

Кога компанијата му понудила 10 проценти награда за да ги врати средствата, тој одбил.

Наместо тоа, побарал целосна контрола врз платформата и понудил да врати само половина од средствата на оштетените инвеститори.

„Знам дека ова е веројатно помалку отколку што сакавте. Сепак, тоа е многу повеќе отколку што заслужувате“, напишал тој.

„Живеам на остров“

Меѓедовиќ со години бил во бегство. Во 2023 година за DL News изјавил дека живее „на остров“, но одбил да открие каде точно се наоѓа.

Подоцна криптопаричници поврзани со претходните напади повторно биле активирани, по што истражителите почнале да ги поврзуваат двете големи измами.

Неговото име повторно се појави во јавноста во 2024 година, кога беше уапсен во Белград по потерница од Холандија.

„Користев лажни пасоши“

Во изјавата пред српските власти, Меѓедовиќ признал дека користел лажни имиња и пасоши додека патувал низ светот.

– Кога престојував во хотели, користев лажни имиња и лажни пасоши, особено во Холандија. Тоа го правев за да ја заштитам мојата приватност бидејќи кога тргувате со криптовалути честопати станувате цел на криминалци – изјавил Меѓедовиќ.

Тој рекол дека патувал низ Бразил, Обединетите Арапски Емирати, Шпанија и други европски држави.

Во Холандија, според истрагата, престојувал во хотел во Хаг со лажен словачки пасош и нагло избегал утрото по хакерскиот напад.

Србија го ослободи, па му снема трага

По 105 дена поминати во притвор, Вишиот суд во Белград одбил да го екстрадира во Холандија.

Судот оценил дека холандските власти не доставиле доволно докази дека токму Меѓедовиќ стоел зад нападите.

По ослободувањето повторно исчезнал без трага.

Американското Министерство за правда подоцна соопштило дека верува оти заминал во Босна и Херцеговина.

Пробал да лобира кај Трамп

Според американските документи, Меѓедовиќ ангажирал лобистичка фирма за да се обиде да стигне до претседателот на САД Доналд Трамп.

Целта на лобирањето, според документите, била да се обезбеди претседателско помилување и да се избегне долга затворска казна.

Истовремено, истражителите и понатаму се обидуваат да откријат каде точно се наоѓа човекот кој од математички вундеркинд стана еден од најбараните криптохакери во светот.

Поврзани содржини