СДСМ НЕ ГО НАПУШТА СОБРАНИЕТО, САМО РАБОТНАТА ГРУПА ЗА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК Филипче одговори на прозивките од ЗНАМ
Техничката влада е единствениот гарант дека државата ќе има фер и демократски избори, а ние сме спремни да ги искористиме сите демократски методи за да се бориме против нив, рече Филипче на прес-конференција.
Нема разединетост ниту во пратеничката група ниту во партијата. Точно е дека разговараме за сите опции, но засега ние ја напуштаме само работата во работната група за Изборниот законик, изјави на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Филипче ова го кажа одговарајќи на прашање кое го отвори денеска на прес-конференција ЗНАМ поврзано со различните ставови со координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски за тоа дали партијата излегува само од работната група за Изборниот законик или и од Собранието.
На прес-конференцијата лидерот на СДСМ рече дека оваа партија (ЗНАМ) веќе не постои ниту на анкети и дека станува збор за група на поранешни членови на СДСМ кои за сопствени финансиски цели „ја разединија и ја поделија партијата и сега се привезок на ВМРО-ДПМНЕ“.
Образложувајќи зошто се против укинувањето на техничката Влада, Филипче рече дека новиот Закон за Влада се носи на начин што значи и сузбивање и на демократијата во земјата и дека не се созреани условите да се тргне техничката Влада.
– Ако една техничка Влада, закон, вратен повторно на лично барање на (премиерот) Христијан Мицкоски во 2018 и јасно стои во законот дека тоа ќе биде така до влегување на државата во Европска Унија, се поставува прашањето зошто им се брза сега. Зошто го менуваат сега на начин на кој што ги слабеат техничките министри? А укажуваме секојдневно дека начинот на којшто владеат е еднаков на начинот на кој што се владееше во времето на Никола Груевски, рече Филипче обвинувајќи за контрола врз правосудството, медиумите, економијата…
Според него, нема гарант без техничка Влада во форма како што е сега, донесена во 2016 година, а потоа и во 2018…
– Тоа е единствениот гарант дека државата ќе има фер и демократски избори, а ние сме спремни да ги искористиме сите демократски методи за да се бориме против нив, рече Филипче.