ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДАДЕ НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ДЕКО ДА ОДИ ВО КУЌЕН ПРИТВОР Барање за куќен притвор поднесоа и други обвинети за пожарот во „Пулс“

99

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во Кочани, сопственикот на изгорената дискотека „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, пред почетокот на денешното рочиште за пожарот во судницата во „Идризово“ до судот достави дополнителна медицинска документација за нарушената здравствена состојба и побара замена на притворот со куќен притвор.

На ваквото барање од одбраната со негодување реагираа родителите на жртвите, кои го следат процесот во судницата.

Бранителката на Деко, адвокатката Ивана Коцевска, со оглед дека Обвинителството сè уште не се произнело по предлогот за замена на притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба, побара судот да покаже малку човечност и хуманост.

– Барам судот да покаже малку човечност и хуманост. Кој било друг човек да беше обвинет во ваква здравствената состојба немаше да продолжи во притворски услови и молам одлуката да биде донесена без пристраност и без влијание од јавноста – рече адвокатка Коцевска.

Обвинителството во однос на предлогот на првообвинетиот рече дека ќе се произнесе писмено дополнително, со оглед дека одбраната доставила дополнителна медицинска документација.

– Ако одбраната инсистира толку многу сега да се произнесеме, даваме негативно мислење затоа што од затворскиот лекар имаме мислење дека таа терапија може да му се даде во притворски услови – изјави Обвинителството.

Од одбраната на обвинетите Беким Хаџиу и Тодор Јованов пред судот изнесоа предлог за укинување на мерката притвор поради нарушена здравствена состојба.

Одбраната на Шабан Салиу информира дека поднела писмен предлог за укинување на една од петте мерки за претпазливост. 

Поврзани содржини