ШАХИСТИТЕ ОД АЛКАЛОИД СЕ БОРАТ ЗА МЕДАЛ ВО АЛБАНИЈА Во тек е Светско екипно првенство за играчи над 50 години

35

Во Драч, Албанија, се игра Светското екипно првенство во шах за играчи над 50 години, на кое настапува и македонскиот претставник, тимот на Алкалоид.

Откако на стартот забележаа три победи и еден пораз од прворангираната селекција на САД, македонските шахисти продолжија со триумф против женската репрезентација на Казахстан, а во тој меч победата од 3:1 беше освоена благодарение на поединечните триумфи на Звонко Станојоски и Габриела Коскоска.

Потоа следуваа два противника кои котираат високо и кои се во игра за медал. Во шестото коло против репрезентацијата на Италија, која по седум кола го дели првото место со САД, беше одиграно 2:2, со реми на сите четири табли, при што беше пропуштена шанса за победа на мечот кога на третата табла Драгољуб Јаќимовиќ, иако имаше јасна предност во позицијата, на крајот заврши со реми.

Во седмото коло екипата на ШК Алкалоид дојде до уште еден нерешен резултат против репрезентацијата на Унгарија, кога, исто така, сите партии завршија реми.

На овој начин, ШК Алкалоид со 10 бода од 7 кола е на делба на третото место и во денешното 8. коло во директен дуел со Казахстан ќе се обиде да опстои на врвот од табелата и да остане во борба за медал во последните две кола.

Според стартниот рејтинг, ШК Алкалоид е рангиран како шести носител, додека, пак, репрезентацијата на Казахстан е трета според овој параметар, веднаш зад САД и Англија.

Поврзани содржини